Кели Фрејдин е мајка на две деца и педијатарка која се школувала на Харвард. Таа сподели пет работи што никогаш не ги прави кога нејзините деца се болни.
“Како и секој родител, знам колку е тешко да се грижиш за болно дете. Постои таа тешка мешавина на емоции – страв, љубов, збунетост, загриженост и тага. А кога вашето дете е болно, последното нешто што ви треба е да бидете преплавени со конфликтни информации или несакани совети. Вие само сакате на децата да им биде подобро” – вели педијатарката.
Како педијатарка за комплексна нега обучена на Харвард и мајка на две деца, еве пет работи што никогаш не ги правам кога моите малечки се болни:
Ако имаат температура, но спијат, никогаш не ги буди за лекови
Спиењето е важно за заздравување, закрепнување и раст, а тешко е да спиеме доволно кога кашламе или имаме затнат нос.
– Со тоа што ќе им дозволиме на децата да се одморат, обезбедуваме нивниот имунолошки систем подобро да се бори со вирусот – истакнува таа за Си-ен-би-си.
Секогаш дава лек за намалување на температурата ако децата не изгледаат добро
– Доколку детето има температура и дише побрзо или потешко, пие помалку течност или не може да спие, не би се двоумелa да му дадам безбедни и ефикасни лекови како што е ибупрофен – вели д-р Фрејдин, но истакнува дека е неопходно да се посети лекар ако ги користите лековите барем трипати на ден, повеќе од три дена.
Никогаш нивната температура не ѝ е поголем фокус од тоа како изгледаат
Д-р Фрејдин тврди дека термометрите не се најточни и затоа предупредува: „Погледнете го вашето дете пред да почнете да паничите“.
Ако децата се присебни, дишат нормално и хидрирани се, ситуацијата веројатно не бара итна медицинска помош. Исто така, ако детето изгледа многу болно, а термометарот вели дека нема температура, можеби сепак, ќе му треба лекарска помош.
Не користи сирупи, туку мед за ублажување на кашлицата
Американската академија за педијатрија не препорачува лекови против кашлица, а педијатарката се согласува.
– За деца постари од една година користам само мед или сируп против кашлица со медот како главна состојка. Се покажа дека тие делуваат исто како и другите лекови, но со помалку ризици – вели таа.
Никогаш не го мери лекот со лажички
Речиси 700.000 деца се погрешно лекувани со медикаменти секоја година. Малите деца се во најголем ризик, бидејќи често има повеќе луѓе што се грижат за нив, а кои можеби не проверуваат кој и кога им дава лек или слично, и покрај најдобрите намери.
Исто така, тука е и сложеноста на употребата на течните лекови. Дозите на лекови за деца варираат од зависност од возраста и тежината, а лажичките и лажиците се со различни големини, па се мешаат. Поради безбедност, д-р Фрејдин секогаш ги проучува упатствата за дозирањето на лекот во милилитри и им ги дава на децата со помош на шприц за да се увери дека ја дала точната доза на лекот и за да ги спречи грешките, пишува Си-ен-би-си.