По препорака на Комисијата за заразни болести, наставата ќе продолжи на 1-ви февруари

Наставата во основното и средното образование ќе продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари. Така одлучи вчера Владата врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и…

Наставата во основното и средното образование ќе продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари. Така одлучи вчера Владата врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, истовремено повикувајќи на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство.

Претходно со одлуката на Владата на 17 јануари, поради влошената епидемиолошка состојба и проценката дека земјата се наоѓа во врвот од новиот ковид бран, зимскиот распуст на учениците што завршуваше на 20 јануари, беше продолжен до 1 февруари.

По Одлуката за продолжениот зимски распуст за околу 255 илјади ученици Владата го утврди и бројот на наставни денови во вонредни околности со кои учебната 2021/2022 година ќе заврши во редовниот термин – 10 јуни 2022. Со одлуката се овозможува соодветна адаптација на наставните програми со цел запазување на датумот 10 јуни како краен рок за завршување на учебната година.

Поради ковид пандемијата можни се три сценарија за реализација на учебната година – настава со физичко присуство како прво и најпосакувано, настава на далечина и комбинирана настава со ротирање на групи од иста паралелка.

Според податоците кои МОН ги собира на дневно ниво од сите училишта, до крајот на првото полугодие (30 декември 2021) процентот на нови позитивни случаи не се зголемувал повеќе од 0,03, а активни случаи со КОВИД-19 кај учениците со физичко присуство во првото полугодие не надминал 0,3 проценти.


Related Articles