Денеска министерството за здравтво информираше дека се регистрирани нови 103 заболени од коронавирусот. Тројца починаа, со што вкупниот број на починати достигна 547 лица.
Во медиумите се прошири веста и за една медицинска сестра од Берово која ја загуби битката со лесно преносливиот Ковид-19. Инаку станува збор за прв случај на здравствен работник од Малешевскиот регион кој починува како резултат на последиците од вирусот. Во текот на денешниот ден, според информациите од министерството за здравство, во Берово има 6 активни случаи, 12 се во изолација, а само 1 е нов заболен. Во Пехчево пак има 2 активни случаи и нема нови заболени.
Сопругот на медицинската сестра кој е и директор на Здравствениот дом во Берово се наоѓа на болничко лекување во приватната клиника „Жан Митрев“. Од таму посочуваат дека неговата состојба континуирано се подобрува.
Градоначалниците на Берово и на Делчево, двете поголеми општини во Малешевско-Пијанечкиот регион денеска апелираа да се почитуваат мерките за заштита, но посочија дека и она што се случува во кафулињата и угостителските објекти уште еднаш ја покажува и неодговорноста на поединци, кои наместо да придонесат да се смирува епидемијата, тие придонесуваат да се разгори. За утре најававена е седница на кризниот штаб во Берово, а во Делчево ќе се направи вонредна дезинфекција.