Големо мнозинство граѓани сметаат дека во аптеките нема доволно лекови или дека има само до петти во месецот.
Фондот за здравство пред Нова Година ги прераспредели месечните квоти со лекови, со што некои аптеки добија „инфузија“ на месечниот износ, а кај некои квотите со лекови беа намалени. За намалените квоти тогаш реагираа дел од аптеките, предупредувајќи дека многу порано ќе им се троши месечната квота со лекови и дека граѓаните или ќе мораат да ги шетаат аптеките или ќе треба приватно да ги купуваат лековите, а незадоволството од таа состојба да го искажуваат врз аптекарите.
Реагираа и граѓаните, најчесто хронично болните, дека со лекови на рецепт не можат да се снабдуваат во најблиските аптеки и тоа откако ќе поминат неколку дена од месецот, и дека мораат да одат во подалечните аптеки за да дојдат до бараните лекови.
Се чини дека дел од забелешките на граѓаните тогаш допреле и до надлежните во Фондот за здравствено осигурување, па во февруари беа еднократно зголемени квотите со лекови на сите аптеки и тоа со 12.000 денари.
Но во март повторно истите проблеми со снабдување со лекови.
– Не смеам да чекам да помине ни еден ден по први во месецот кога стасуваат лековите ако сакам да ги земам на рецепт, па чувам пари за партиципација од претходната пензија, бидејќи ми требаат околу 800 денари за сите лекови. Ако чекам да стаса пензијата најдоцна до 7. во месецот, ќе ми се потрошат лековите, па ќе мора да ги купувам на приватно – вели пензионер од Скопје.
Друга пензионерка си го купува на приватно лекот за притисок, заедно со лек за измокрување.
– За 179 денари по кутија ни чекање ни квоти, барем не се малтретирам да го барам лекот на рецепт и си го купувам овој лек кој не ни оди на рецепт, иако би требало – вели оваа пензионерка.
Залудни беа ветувањата и на министерот Филипче и на директорот на ФЗОМ, Ден Дончев, дека квотите ќе пораснат и лекови ќе има во текот на целиот месец. Сето тоа беше само приказна и убаво спакувана лага која во ниеден момент никој од одговорните не планирал да ја реализира. Пациентите сеуште се борат за лекови секој први, ако се разболите во текот на месецот според Филипче обратете се на господ со молитва, затоа што доктор нема да ви помогне, лекови нема!