Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин и проректорот на Меѓународниот универзитет Визион, Проф. д-р Абдулмеџит Нуредин потпишаа Меморандум за соработка.
Потпишувањето на овој Меморандум за соработка е резултат на заедничката заложба и интерес за развој и унапредување на практичната настава, како и со цел давање на свој придонес за зајакнување на капацитетите на високото образование преку развивање меѓусебна соработка.
Имено, Министерството за труд и социјална политика и Меѓународен Универзитет Визион меѓусебно ќе соработуваат и взаемно ќе си укажуваат помош и поддршка со цел размена на искуства, знаења, едукација и усовршување на кадри.
Соработката ќе се одвива преку различни форми на соработка, а особено преку: размена на искуства, взаемно ангажирање на кадар, унапредување на образовните и деловните процеси, планирање и заедничко организирање на научни и стручни собири, организирање и реализирање на клиничка настава за студентите на Меѓународен Универзитет Визион, организирање и реализирање на практична настава за студентите на Меѓународен Универзитет Визион, взаемна поддршка и помош за активностите кои се од интерес на двете страни, како и преку останати активности од особен интерес на двете институции во насока кон позитивен општествен развој.