Директорката на црногорската Национална туристичка организација, Жељка Радак Кукавичиќ, најави дека почетната фаза на обнова на туризмот во Црна Гора ќе почне во јули.
Таа додаде дека, сепак, тоа ќе зависи од епидемиолошката ситуација во Европа.
Според проценките на Светската туристичка организација на Обединети нации, почетната фаза на обнова на туризмот ќе почне во јули 2020 година, а најзначителниот дел од туристичкиот промет ќе го сочинуваат домашните туристи и регионалната туристичка побарувачка. Црна Гора тука ги гледа можностите, а сосема е сигурно дека туристите годинава ќе се одлучат за поблиските дестинации – посочи Радак-Кукавичиќ.
Таа додаде дека здравствената безбедност и сигурност се приоритети според кои ќе се раководат туристите при изборот на дестинација за одмор.
Радак-Кукавичиќ најави и создавање на „зелени авиокоридори“ со одредени земји со слично епидемиолошко ниво како Црна Гора, помеѓу кои се Германија, Австрија, Словенија, Словачка и Чешка.