Истражувањето на невладината организација „Еко свест“ покажа дека едвај и 30 проценти од предвидените мерки за намалување на аерозагадувањето се реализирани. Оваа анализа беше презентирана на денешната работилница на невладин сектор од земјите од Западен Балкан.
Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“, вели дека анализата на мерките предвидени со планот на Владата, Град Скопје и општините е направена според предвидените мерки за сите институции, според досега објавените податоци и нивни истражувања, но дека во неа ги нема целосните податоци за мерките кои се во тек.
Таа рече дека во мерките за справување со аерозагадувањето, кое главно доаѓа од индустријата, домаќинствата и административните објекти кои користат фосилни горива, треба да се размислува и за намалување на потребата од енергија, како и децентрализација на производството на енергија.
„Граѓаните исто така да може да произведуваат струја и да се вклучат во дистрибутивниот систем со тоа што би се ставиле сончеви панели на крововите. Може да се здружат неколку помали градови или села и тоа сами да го направат, а Владата да им помогне да се вклучат во дистрибутивната мрежа. Да не заборавиме дека треба да се почитува и директивата за води, со која паметно ќе се настапи и ќе има зони кои ќе бидат ограничени и во нив нема да се гради, и да се напушти праксата според која се гради хидроцентала на секое поточе и река“, рече Чоловиќ-Лешоска.
Таа рече дека проблемите околу аерозагадувањето со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан се заеднички и дека треба и решенијата да бидат заеднички.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули рече дека со планот на Владата во 45 државни објекти за деца заменет е начинот на греење, и дека во тек е замената во сите останати државни објекти кои се јавиле на повикот. Тој рече дека во рудникот во термоелектраната Осломеј во тек е замена на соларни панели и дека се работи на поставување на филтри во РЕК Битола. Според Макрадули, дел од мерките предвидени за годинава не можеле да ги реализираат поради претседателските избори.
„Во однос на вклучување на граѓаните во системот на производство на електрична енергија со обновнливи извори, главно е изградба на трафостаница, што не е така едноставно, додека со Осломеј тоа полесно се реализира, бидејќи таму веќе има постоечка инфраструктура“, рече Макрадули.