Во просториите на поликлиниките на Здравствен дом „Скопје“ закачени се рекламни паноа на приватната болница „Систина“.
– На одделот за рентгенологија во поликлиниката „Букурешт“ се закачени рекламни паноа за дијагностика и третман на приватната болница. Што сакаат да ни кажат, ако не сакаме да чекаме тука ред и резултати со часови, тогаш да одиме во приватните болници? Дали во приватните болници има информација за тоа кои услуги може да ги добиеме во јавното здравство? – реагираат пациенти.
Директорот на Здравствен дом „Скопје“ Злате Мехмедовиќ, вели дека просторот во поликлниките каде може да се истакнуваат реклами е даден под концесија на приватна фирма и таа склучува договори за рекламирање.
– Точно се знае каде може овие паноа да се закачуваат и во која димензија треба да се – вели тој.
Здравствениот дом добива месечна кирија за изнајмување на просторот. Мехмедовиќ истакна дека за износот на надоместокот како и за името на фирмата-концесионер, дополнително ќе ја информира јавноста.
Ќе биде преиспитано и дали рекламирањето во амбулантите е дел од договорот
– Она што за нас е важно дека услугите кои се рекламираат на паноата не се даваат во поликлиниките, така што тука пациентите добиваат информација за други услуги. Ова постоело и порано, и вакви реклами има и во другите јавни здравствени установи. Ова е слично како она што е со рекламирање на некои препарати кои помагаат во лекувањето, но не се лекови – вели Мехмедовиќ.
Се изнаслушавме оправдувања на погрешните одлуки и практиките кои оваа влада, власт и нејзините челници ги прават и тоа се прифаќа како да треба да е така или нормално е тоа. Од пола грамот на Павле, па се до рекламирањето на Систина во Здравствен дом – „Скопје“, се е оправдано, ама дали е нормално? Дали треба да е така? Дали и кој ги извитоперува моралните вредности на нашето општество наметнувајќи ни погрешни вредности и учејќи не дека неморалното е морално и дека наркотиците не се дрога?
До кога граѓаните ќе ги толерираат овие работи и до кога власта ќе мисли дека народот е слеп на тоа што го прави власта, дека се врши распродажбата на државата на сите нивоа? – коментираат дел од пациентите кои ги сретнавме во поликлиниката „Букурешт“.