Условите во здравствениот систем се подобруваат и јакнат и тоа го гледаме во континуитет. Секако, на Македонија и треба еден нов, современ клинички центар затоа што парцијалното решавање само на дел на клиники на и така тесното грло „Водњанска“ кое го има во центарот на градот беше причината да не го прифатиме овој проект. Три или четири локации се во опција кои ќе дадат најбрза, динамична изведба на новиот клинички центар. Се работи за проект од 450 милиони евра, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на привремените живеалишта на бездомници во Визбегово.
Заев информира дека владината комисија ги одржала неопходните седници. Верува дека во наредниот период, до крајот на ноември, ќе се одржи дебата и во Парламентот за да почне носењето одлуки.
– Постојат локации во рамки на ГУП на Град Скопје, таа која ја објавивме кога ја укинавме локацијата на стариот клинички центар. Постои локација во Петровец, во Ѓорче Петров и уште една четврта локација. Денеска архитектите и инженерите утврдуваат која локација е најсоодветна, да биде сто отсто на Република Македонија, да има урбанизам, да не биде мочурливо земјиште за да можеме брзо да стартуваме. Верувам дека во 2019 година, уште на почетокот ќе можеме да распишеме тендер за избор на изведувач, а некаде до крајот на 2019 да почнеме со изградба на клиничкиот центар, рече Заев.