Иако на прв поглед може да изгледа како незначителен проблем, шугата претставува сериозна здравствена и социјална закана, особено во заедници со потешки услови за живот. Ова е тема која заслужува внимание, бидејќи раната превенција и правилниот третман можат значително да го намалат ширењето и компликациите од болеста.

Што е шуга и зошто е важна оваа тема?

Шугата е паразитска инфекција предизвикана од мал паразит, познат како Sarcoptes scabiei var hominis. Овој паразит продира во горниот слој на кожата, каде што се размножува, предизвикувајќи силен осип и неподносливо чешање. Но, шугата не е само непријатност – таа може да доведе до сериозни компликации како што се бактериски инфекции на кожата, сепса, па дури и заболувања на срцето и бубрезите, велат од Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ.

Ширење на шугата во светот и во Македонија

На глобално ниво, над 200 милиони луѓе страдаат од шуга во било кој момент. Во сиромашни тропски региони, процентот на заболени кај децата се движи од 5 до 50%. Шугата најчесто се јавува во густо населени заедници, каде што хигиенските услови се несоодветни.

Во Македонија, шугата главно се појавува во социјално загрозени групи, како и во институции со повисок ризик за пренос, како што се училишта, домови за стари лица и други колективни средини. Ние како Институт за јавно здравје сме посветени на превенција, рано откривање и едукација за оваа болест.

Според податоците на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, во текот на 2024 година, заклучно со 31.12.2024, регистрирани се 493 заболени лица, a во претходната 2023 година, за истиот период, регистрирани беа 337 заболени (+46,3%). Во периодот 2014-2023 година, најголем број заболени (527), регистрирани се во 2015 година, а најмал број во 2021 година (151).

Просечно годишно, во овој период се регистрирани по 332 заболени лица (+48,5%).

Во 2024 година, најголем број на лица со шуга се регистрирани во Скопје (182), Куманово (108) и Гостивар (101).

Во месец јануари 2025 година, регистрирани се 28 случаи од кои 16 во Скопје. Истите не се поврзани меѓусебно, односно болеста не се јавува во епидемиска форма.

Како изгледаат симптомите?

Симптомите на шугата може да се јават 4 до 6 недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како:

Силно чешање, кое е најинтензивно ноќе.

Најчеста локализација на промените се вдлабнатините (браздите) помеѓу прстите на рацете и нозете, свивките на лактите, предните набори на пазувите, папокот, половината и регионот на препоните. Грбот е ретко зафатен, а главата и тилот обично не се зафатени.

Важни дијагностички знаци се скабиозните канали, на чиј крај може да се види црна точка. Исто така можат да се забележат и други кожни промени по телото, од типот на макули и папули. Во почетокот на болеста постојат скудни кожни промени, но пациентот е заразен за околината. Со развојот на алергијата, се засилува и јадежот.
Кај малите деца, осипот може да се јави и на дланките, стапалата и скалпот.

Кај лицата со послаб имунитет, особено кај хронично болните и лицата со ХИВ, може да се развие крустозна шуга. Ова е сериозна форма која предизвикува суви, лушпести области на кожата, со илјадници до милиони грини. Оваа форма е високо заразна и бара интензивен третман.

Како се пренесува шугата?

Шугата се пренесува преку директен близок физички контакт кожа на кожа со заразено лице (заедничко живеење, спиење, многу често при кампувања и кај лица кои живеат во лоши хигиенски услови). Ризикот е особено висок во домови, училишта, болници или бегалски кампови. Пренос преку облека или постелнина е поредок, но сепак можен. Важно е да се напомене дека заразеното лице може да ја пренесе болеста дури и пред да развие симптоми, што ја прави шугата предизвик за контрола.

Компликации на шугата

Освен непријатноста од чешањето, шугата може да предизвика сериозни компликации. Долготрајното чешање и оштетувањето на кожата создаваат услови за бактериски инфекции, како импетиго, кои може да преминат во сепса – состојба опасна по живот. Во тропските области, шугата често е поврзана со акутни и хронични заболувања на бубрезите и срцето, како што се пост-стрептококен гломерулонефритис и ревматски срцеви заболувања.

Што можеме да направиме за да ја спречиме?

Превенцијата е клучна. Еве ги најважните чекори:

Избегнувајте контакт со заразени лица, особено ако имаат чешање или осип.

Доколку некој од домаќинството има шуга, лекувајте ги сите членови на семејството, дури и ако немаат симптоми.

Постелнината, облеката и предметите за лична употреба треба да се перат со топла вода и да се сушат на висока температура или на сонце.

Чистењето на просториите со вакуум или миење е од помош, особено ако има заразени лица.

Како се лекува шугата?

Третманот за шуга е едноставен, но бара внимание. Најчесто користени се:

Топикални кремови, како што се 5% перметрин или 10-25% бензил бензоат.

Оралниот лек ивермектин, кој е многу ефикасен, но не е препорачан за бремени жени и мали деца.

Важно е да се повтори третманот по 7 до 14 дена за да се елиминираат новоизведените грини. Лекувањето треба да го опфати целото домаќинство за да се спречи повторна инфекција.

Улогата на Институтот за јавно здравје

Институт за јавно здравје се посветува на:

Обезбедување едукација и подигнување на свеста кај населението.

Навремена идентификација и изолација на случаите во ризични средини.

Поддршка на здравствените работници со современи протоколи за дијагноза и третман.

Надзор и контрола на епидемии, како и соработка со меѓународни организации за спроведување на најдобрите практики.

Апел до граѓаните

Грижата за нашето здравје е заедничка одговорност. Шугата не е срам, таа е болест што може да се лекува и контролира. Ве повикуваме да се информирате, да ги почитувате хигиенските мерки и да побарате помош при првите симптоми. Само со заеднички напори можеме да го заштитиме здравјето на нашите семејства и заедници.

Заклучок

Шугата е предизвик кој бара будност, но и решителност. Со правилна едукација, навремено лекување и соработка, можеме да ја контролираме оваа болест и да го намалиме нејзиното влијание врз нашето општество.