Зимата за скопјани значи повторна борба за чист воздух и ако еден ден ветрот помогне во борбата и внесе тронка надеж за подобрување на состојбата, веќе наредниот ден мерењата покажуваат дека состојбата ни малку не е променета.

Гласот на народот, протестите и апелите продолжуваат, но се чини се изгубени во градската магла и се невидливи за надлежните.

Според мерењата на швајцарскиот Air Visual, Скопје е во топ 10 градови во светот со најслаб квалитет на воздухот, во тесна борба со Белград, Сараево и Софија.

На листата на најзагадени земји во светот Македонија се наоѓа на 15-то место. Бангладеш се наоѓа на првата позиција, како земја со најазгаден воздух, додека најчист воздух во светот дишат жителите на Исланд.

Според направените истражувања на „Њујорк тајмс“ воздухот во Скопје се споредува со воздухот во Калифорнија за време на масовните пожари во кои загинаа 85 луѓе и изгореа 19.000 објекти, додавајќи дека за време на пожарите во кои изгореа цели шуми и населби во областа, воздухот достигна загаденост од речиси 200 микрограми на метар кубен (наспроти 189-те на Скопје за добро утро), со што влегува во опсегот на ’многу нездрав’ кога на луѓето им се препорачува да не излегуваат од дома.“