Долгорочниот проект на Пивара Скопје и компанијата Coca – Cola преку Роса, а во партнерство со Министерството за здравство го заокружи својот втор циклус со отворање на третото „Роса школо за родителство“ за 2019 г. во Општата болница во Куманово.
Ова е всушност шесто школо од почетокот на проектот во 2018, по отворањето на „Роса“ школите во Скопје, Битола, Гостивар, Струмица и Охрид.
„На претходните отворања веќе најавивме дека до крајот на 2020 се планирани уште три нови ‘Роса’ школи за родители, за што потврдува и неодамна потпишаниот Меморандум за соработка со Министерството за здравство, со што овој проект ќе се заокружи со вкупно 9 школи за родителство, но не ја исклучуваме можноста проектот да продолжи и по 2020 година. Верувам дека ова школо во Куманово, впрочем како и сите останати, добро ќе работи и благодарение на својот стручен и квалификуван тим, ќе понуди одговори за родителството и негата на бебето за сите заинтересирани идни родители“, изјави Катерина Хаџи-Ангелеска-Начевска, бренд менаџер за безалкохолни пијалаци во Пивара Скопје.
„Вистински нѐ радува фактот што проектот ‘Роса школи за родителство’ се реализира и во нашата болница и би сакала да ја искористам приликата да се заблагодарам на Пивара Скопје и Министерството за здравство за оваа донација. Располагаме со квалификуван, професионален тим од гинеколог-акушер, педијатар и акушерска сестра, кои во рамките на оваа школа ќе ги извршуваат работилниците и ќе ги охрабрат идните родители од Куманово за успешно родителство, но и ќе придонесат и за безбедна бременост и балансиран начин на живот и после породувањето и во периодот на правилна нега и исхрана на детето“, рече Д-р Снежана Захариева, директор на ЈЗУ Општа болница Куманово.
Средствата за опремување и реновирање на „Роса школото за родителство“ се обезбедени од страна на Пивара Скопје, а беа собрани преку претходно спроведена кампања, во која се издвојуваше по 1 денар од секое продадено шише „Роса“ вода од 1,5 л.
Обуките се бесплатни и ќе бидат организирани во 5 тематски целини, а трудниците и сите заинтересирани идни родители и членови на нивните семејства ќе можат да се информираат и пријавуваат директно во Општата болница во Куманово.