Состојбата во Србија со коронавирусот е алармантна. За само едно деноноќие на Клиниката за инфективни болести во Белград биле направени 318 прегледи на пациенти, а на ниво на целиот град бројката достигнала 3 185 прегледи. Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар синоќа изјави дека ова не се податоци од кои земјата може да биде задоволна.
Тој посочува дека ситуацијата не е ни малку охрабрувачка бидејќи ковид болниците се преполни и се размислува за проширување на капацитетите. Само се чека еден пациент да замине, постелнината се менува во истиот момент и пристигнува нов пациент, рече Лончар.
– Веќе два дена сме присилени пациентите кои се од Белград и кои заслужуваат болничко лекување, да мора да одат на хоспитализација или во Младеновац или во Пожаревац или во Смедерево, сега ги прошируваме и капацитетите на Чачак на Шабац, бидејќи мора да успееме да му обезбедиме на секој пациент соодветни услови на лекување, вели Лончар.
Лончар посочува дека уште следната недела Институтот за ревматологија ќе го претворат во ковид болница, а привремената болница Арена веќе работи, но само со пациенти кои не се на интензивна нега.