Во вечерашното издание на дебатната емисија “Топ тема” гостуваше министерот за здравство Венко Филипче, кој даде свое видување во однос на новодонесените мерки, укинувањето на полицискиот час и општата здравствена состојба во Република Македонија.
Филипче смета дека ситуацијата е под контрола и дека секојдневната појава на нови случаи со новозаболени не е страшна бидејќи се знаат кластерите, односно контактите на заболените. Според министерот Филипче мерките не можат да траат вечно, а за ваквиот потег за враќање на животот во каква таква нормала е резултат на повеќе податоци кои според него укажуваат на подобрување и стабилизирање на ситуацијата.
“Во моментов сме свесни за ситуацијата со пандемијата предизвикана од Ковид-19 вирусот, но ние мораме да живееме и да функционираме. Рестриктивните мерки не може да траат вечно. Сметам дека во овој момент оправдана е одлуката за прекинувањето на одредени мерки, како полицискиот час”, вели Филипче.
Иако секојдневно се зголемува бројот на заболени и починати лица, сепак според министерот Филипче Република Македонија се наоѓа во стабилна состојба и граѓаните можат да се чувствуваат послободни. Ваквата изјава не може да не се поврзе со фактот дека во државата најверојатно ќе се одржат избори во летниот период. Дали министерот Венко Филипче и комисијата за заразни болести донесуваат одлуки врз барањата на СДСМ и Зоран Заев останува енигма, бидејќи ниту еден податок не укажува на безбедна здравствена ситуација.