Во последните 24 часа, во Србија се регистрирани 8.467 нови случаи на коронавирус и 45 смртни случаи. Ова е најголем број на новозаразени за еден ден, од 1 декември минатата година, кога беа регистрирани 7.999 новозаболени, објавија српските медиуми.

Вкупниот број на починати изнесува 8142, а е објавен на веб страницата на Министерството за здравство covid19.rs. Во Србија досега се заразиле 926.269 луѓе, а во моментов во болниците има 6.155 пациенти, од кои 251 се на респиратори. Во последните 24 часа биле тестирани 26.292 лица, а вкупно од март 5.601.570 граѓани.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави денеска во Белград дека „се е подготвено за ковид пропусниците, но дека се уште се размислува дали ќе се оди на тоа“.

– Ковид пропусниците не се сребрени, магичен куршум за решавање на оваа ситуација. Tие се само начин некако да ги мотивирате младите да се вакцинираат, ништо повеќе од тоа. Единствениот одговор на сето ова е вакцинацијата, изјави Брнабиќ. Таа кажа дека досега се вакцинирани 53,4 % од возрасната популација на Србија, но дека само 21,4 % се на возраст од 18 до 30 години, што го оцени како „поразително“.