Лекарка на Клиниката за неврологија во текот на изминатите два дена беше вербално и физички нападната. Роднина на пациентот и удрил шамар. По што бил повикан директорот, а дошла и полиција. Лекарката завршила на Ургентен центар, веќе е на боледување. Ова е случај кога пациент е донесен прво на Ургентен центар, а потоа префрлен на Неврологија. Родинините во паника за животот, но и агресивни.
Ако сакате да се спаси нечиј живот нема потреба од вербални напади. Физички не треба никому ни да му падне на памет. Да, постои нервоза, гужви, чекање по Клиниките… Но, насилството никако не е начин!
ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудува ваквите случаи, најостро го осудува насилството врз здравствените работници.
ВМРО-ДПМНЕ ги повикува надлежните да ја зголемат безбедноста на Клиниките со што сите здравствени работници ќе се чувствуваат безбедно и ќе можат да дадат соодветна медицинска услуга на сите граѓани.
Исто така денес во текот на денешниот ден излезе и синдикатот на Клинички центар кој го осудува вербалниот и физички напад врз дежурната докторка и присутниот медицински персонал на Универзитетската клиника за Неврологија.
Тие потсетуваат на протестите и нивните барања во минатото за да се превенира насилството врз медицинскиот персонал.
-Да се потсетиме дека Синдикатот на Клинички центар на 12.11.2015 година на хелиодромот во Клинички центар организираше протест за јавна солидарност и подршка на докторот од УК за Дигестивна хирургија за вооружениот напад врз него.
Истовремено, поради истата причина, Лекарската комора на Македонија организира потпишување Повелба помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија, Лекарската Комора на Македонија и Македонското Лекарско Друштво.
Поради продолжени вербални и физички напади врз здравствените работници на 28 септември 2017 година во Лекарската комора на Македонија се потпиша Декларација – стоп за насилството врз докторите на медицина, стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници – пишува во нивното соопштение.
Од Синдикатот бараат план на национално ниво за спречување на насилството во здравството.
Синдикатот на Клинички центар е подготвен заедно со Лекарската комора и другите комори и здруженија во здравството, Македонското здружение за заштита при работа и други релевантни чинители, преку стручни состаноци, јавни дебати и други постапки да учествува во изнаоѓање најсоодветно решение за сузбивање на вербалното и физичко насилство во здравството, кое со законска регулатива ќе го обврзе работодавачот да обезбеди систем на професионална и ефикасна заштита од физичко и вербално насилство на вработените во здравството.