Од понеделник продолжува со работа, болницата Санте плус. Оваа одлука доаѓа по решението на Високиот управен суд кој привремено им ја врати дозволата за работа. Во образложението на одлуката стои дека враќањето на дозволата во овој момент е со цел да се спречат евентуални штетни последици врз пациентите и вработените во болницата.

„Барањето на тужителот за определена времена мерка се уважува, се одлага извршувањето на решението за одземање на дозволата за работа се до правосилно завршување на постапката по поднесената тужба. Неспорно е дека со одземање на дозволата за работа на „Санте Плус“ станува збор за правни односи кои траат, а со цел во иднина да се избегнат неминовните штетни последици кои би настанале за пациентите и вработените во здравствената установа.“ – се вели во решението за времена мерка од Високиот управен суд .

Оваа одлука „независниот и непоткуплив“ суд ја донел откако претходно управниот го одбил барањето за времена работа на болницата. Во образложението на управниот суд напишано на две страници стои дека болницата не доставила писмени докази за да го оправда барањето за можни штетни последици.

„Во конкретниот случај тужителот не доставил писмени докази за оправданоста на барањето од каде би се утврдило дека би настанале штетните последици.“ -стои во решението за времена мерка од Управен суд.

Болницата беше затворена од Министерството за здравство на 28ми фебруари, откако за време на породување со царски рез почина 31-годишна родилка од Кичево. По нејзината смрт, Министерството формираше стручна комисија која утврди дека на родилката погрешно и бил поставен тубусот, а во операционата сала го немале потребниот анестезиолошки апарат со кој би можело навреме да се реагира. Отказ заработи и анестезиолог од КАРИЛ кој нелегално работел во болницата.

Од Санте плус обвинија дека затворањето било тенденциозно, а раководството тврдеше дека немало никакви пропусти во третманот на родилката. Смрта на 31-годишната Кичевчанка веќе три месеци ја истражува јавното обвинителство. Оттаму велат дека истрагата е се уште во предистражна постапка поради што не можат да дадат информации.