Светската здравствена организација (СЗО) ја состави првата листа на габични патогени кои претставуваат најголема закана за здравјето на луѓето, предупредувајќи дека некои видови стануваат се поотпорни на лекови и се сè пораспространети.
Телото на ОН, кое има слични списоци за вируси и бактерии, објави дека габичните инфекции и нивната зголемена отпорност на лекување претставуваат се поголем ризик. Историскиот недостиг на фокус врз опасноста од габични патогени значи дека постојат големи празнини во знаењето, како и недостатоци во следењето, лекувањето и дијагнозата.
Тешко беше дури и да се процени обемот на заканата поради недостиг на податоци, нагласи СЗО, апелирајќи до владите и научниците да направат големи напори за да го засилат одговорот на 19-те габични инфекции од списокот.
– Излегувајќи од сенката на пандемијата на бактериска антимикробна отпорност, габичните инфекции се шират и стануваат сè поотпорни на лекување, станувајќи проблем за јавното здравје ширум светот, изјави доктор Ханан Балхи, помошник-генерален директор на СЗО за антимикробна резистенција.
Габичните инфекции често ги погодуваат луѓето кои се веќе сериозно болни, како што се пациентите со рак или туберкулоза, а стапките се зголемија кај хоспитализираните пациенти со Ковид-19 за време на пандемијата. Постојат само четири типа на лекувања, со многу малку нови опции во развој. Климатските промени исто така значат дека се шири зачестеноста и географскиот опсег на патогени, нагласи СЗО.
Отпорноста делумно е предизвикан од прекумерната употреба на антифунгални средства во земјоделството. Списокот ги дели патогените во три категории врз основа на нивното потенцијално влијание и податоците за ризикот од нивната отпорност: критичен, висок и среден приоритет.
Групата со критичен приоритет ја вклучува Candida auris, која е многу отпорна на лекови и предизвика бројни епидемии во болниците ширум светот, како и Cryptococcus neoformans, Aspergillus fumigatus и Candida albicans.
Групата со висок приоритет вклучува голем број други габи од семејството Кандида, како и други како што се Мукоралес, група која содржи габи кои предизвикуваат мукормикоза или „црна габа“, инфекција која брзо се шири меѓу сериозно болните луѓе – особено во Индија – за време на епидемијата на Ковид-19.
Групата со среден приоритет вклучува голем број други габи, вклучувајќи ги Coccidioides spp и Cryptococcus gatti.