Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска одржа нова прес конференција на која потсети уште еднаш на мерките за спречување на ширење на коронавирусот. По прогласување на пандемија на коронавирусот од СЗО, тој посочи дека остварил средба со регионалниот директор на СЗО, на која се разговарало дека секоја земја има право да воведе автентични мерки за справување со заразата, но во консултација со СЗО.
Тој информираше дека шест од пациентите сместени на инфективната клиника се стабилни, а тројца имаат лесно влошување на здравствената состојба со симптоми на отежнато дишење. За нив не е потребна респираторна поддршка со апарати за дишење, но примаат интензивирана терапија. Овие тројца пациенти се на возраст од 65-66 години.
Утрово е јавен еден пациент, маж, кој на 7-ми март дошол од Германија здрав, но заради висока температура се јавил на Инфективната клиника. Тој ќе биде тестиран на коронавирусот, а неговите резултати ќе бидат објавени во подоцна во текот на денот, информираше министерот. Денес, исто така, одново ќе се тестираат и сопатниците на првозаболената пациентка, кои на 26 февруари влегле со комбе во земјава преку Табановце, зашто им завршува 14-дневната изолација.
Филипче кажа дека е назначена нова директорка на Клиниката за кожни болести, откако беше објавено дека претходната е заболена од коронавирус и која беше разрешена оти доаѓала на работа и присуствувала на симпозиум, како последица на што во изолација се 100 луѓе.
Тој посочи и дека во комуникација со колегите од Северна Италија, по воведувањето на ригорозни мерки, во тие делови на земјата не се пријавени нови заразени случаи.
Прес конференциите во иднина, како што најави министерот, ќе бидат со изретчен распоред на седење, а кон новинарите упати препорака дека можеби нема да се практикува предавање на микрофонот од еден на друг за поставување прашања.