Двајцата специјалисти гинеколози од Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола и странска државјанка која без соодветна лиценца за работа од лекарската комора во земјата, правела царски рез во Клиничката болница во Битола на 1.1.2021 година, се спогодија со Обвинителството и добија условни казни.
Првоосомничениот специјалист гинеколог, ги пречекорил границите на своето службено овластување на начин што ја повикал и и дозволил на својата сопруга – третоосомничената, доктор на медицина, странски државјанин, да врши здравствени услуги. Тој со спогодбата добил казна од 8 месеци затвор, која нема да се изврши ако во рок од три гони не стори ново кривично дело.
Вториот осомничен специјалист гинеколог кој ја злоупотребил службената положба на начин што и дозволил на третоосомничената да врши здравствени услуги, се спогодил на затворска казна од три месеци, која нема да се изврши ако во рок од една година не стори ново кривично дело.
Третоосомничената која е лекарка од Србија и сопруга на првоосомничениот доби парична казна од 1000 евра, а се товареше непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
Осомничените условните казни ги добија откако го признаа извршувањето на кривичното дело што им се става на товар, па во постапка по предлог спогодби беа прифатени од Судијата на претходна постапка при Основниот суд Битола.