Состојби како што се депресија, прекумерна грижа, страв, вина или лутина, со текот на времето доведуваат до промени во физичкото здравје на една личност.
Според кинеската медицина, емоциите се основната причина за заболување, а секој орган е поврзан со одредена емоција.
На пример, белите дробови се врзани со тага, црниот дроб со бесот, стравот со бубрезите, стомакот со грижите. Секој орган има и свој вкус. Белите дробови сакаат зачинето и луто, црниот дроб кисело, слезината благо, а бубрезите солено.
Слободно може да се каже дека емоциите можат да предизвикаат болести и дека психосоматската медицина е научна дисциплина, која се занимава со проучување на психолошките фактори кои се најважни при појава на одредени болести.
Сите сте слушнале приказни дека некој имал срцев удар после стрес на работа, добил дијабетес после сериозна расправија или губење на близок член на семејството.
Во нашето опкружување честопати имаме можност да слушнеме дека на некој му се покачува притисокот кога ќе се вознемири.
Зголемениот крвен притисок обично се должи на репресиран гнев. Често потиснување на гневот доведува до нарушување на правилното држење на телото.
Стравот, несигурноста и различните состојби на вознемиреност можат да го блокираат спонтаното дишење, што доведува до астма, бронхитис и разни алергии.
Најчувствителни зони
Дигестивен систем – лицата кои се повлечени имаат големи проблеми со нивниот дигестивен систем, особено ако имаат потешкотии во комуникацијата. Таквите луѓе најчесто страдаат од гастритис или чиреви.
Грб – Колку пати сте ја слушнале или кажале фразата: „Ме боли грбот.“ Но тешко е да се каже дали грбот навистина ве боли или се работи за ментална состојба? Чувство на депресија, акумулирано незадоволство и гнев предизвикуваат болки во грбот – велат научниците.
Респираторниот систем – бронхиите и белите дробови се под големо влијание на надворешните проблеми. Астматичарите често истакнуваат дека нешто ги задушува или притиска во градите, но причините секогаш се психолошки, затоа што се задушуваат од одредени луѓе, ситуации или настани.
Кожа – осип, мозолчиња или пеги на лицето, покажуваат дека некое лице не се чувствува добро во својата кожа. Различните состојби на кожата индиректно укажуваат на тоа дека сакаме да отфрлиме некои луѓе или ситуации.
Бидејќи влијаат врз здравјето, треба да бидеме внимателни со емоциите, особено кога нè водат во насока што не ја сакаме.