Попладнево се одржа виртуелна прес-конференција на која шефицата на Европската агенција за лекови (ЕМА), Емер Кук истакна дека придобивките од вакцината АстраЗенека во спречувањето на Ковид-19 се поголеми од ризиците од несаканите ефекти.
– Придобивките од вакцината на „Астра Зенека“ во превенирање на КОВИД-19 се поголеми од можните несакани последици. Нашата продлабочена студија заклучи дека пријавените случаи на згрутчување на крвта по вакцинирањето со „Астра Зенека“ треба да бидат вклучени како можни нус-појави, посочи Кук.
Комитетот за безбедност на ЕМА испита вкупно 86 случаи на згрутчување на крвта, од кои 18 биле фатални. Заклучно со 4 април, имало вкупно 222 случаи на згрутчување на крвта меѓу 34 милиони луѓе вакцинирани со вакцината на „Оксфорд/АстраЗенека“, што значи еден случај на 153.000 вакцинирани.
Повеќето случаи на нарушувања на згрутчување на крвта се случиле кај лица под 60-годишна возраст и кај жени во рок од две недели по вакцинирањето, но ЕМА заклучила дека возраста и полот не се одредувачки фактори за овие ретки реакции на ударот, рече Сабине Штраус, претседател на комитетот на ЕМА за безбедност на вакцините.
Во однос на згрутчувањето на крвта и ниските тромбоцити кои се појавуваат како несакани ефекти од вакцината, Кук изјави дека ваквите случаи се многу ретки, а вацината се покажала како високо ефикасна. Самиот факт дека бил откриен ваквиот несакан ефект говори дека системот за надзор на вакцината функционира добро.
Попладнево во Амстердам е соопштено дека нема да има ограничување на употребата на вакцината и покрај ретките случаи на тромбози.
Објаснување за комбинацијата на згрутчување на крвта и ниските тромбоцити, според ЕМА, е можно да е имунолошка реакција. Таа би можела да доведува до состојба каква што понекогаш се јавува кај пациенти кои добиваат хепарин. Пациенти кои имаат симптоми како тешкотии со дишењето, болки во градите, оток на нозете, постојани болки во долниот дел од стомакот, невролошки симптоми, меѓу кои и тешки главоболки или замаглен поглед, како мали дамки од крв под кожата, би требало веднаш да се јават на лекар.