Колкупати сме купиле играчки за нашите деца, а притоа да не обрнеме внимание на тоа дали е соодветна на возраста, од што е направена или, пак, дали ја содржи европската ознака ЦЕ, која значи дека играчката не е штетна за здравјето на децата.
Во моментов македонските пазари и продавници се полни со играчки, кои со небезбедни и опасни за децата. Но, и покрај тоа што во Македонија се спроведуваат строгите мерки за безбедност на играчките кои ги применува и Европската Унија, сепак во продавниците и на тезгите се уште се продаваат вакви играчки.
Колку е голем овој проблем покажува фактот дека штетните детски играчки можат да се најдат и во продавниците во земјите од ЕУ, иако таму редовно се вршат контроли. Особено загрижува фактот што вакви штетни материи се откриени во играчки што секојдневно се купуваат, како гумени топки, пластични камиончиња, кукли и багери.
Со Законот за заштита на потрошувачи пред да биде пуштена во промет играчката треба да ги исполнува основните безбедносни и здравствени услови. Играчките треба да бидат дизајнирани и произведени на начин кој ги исполнува стандардите за хигиена за да се избегне било каков ризик за инфекции, болести и контаминација.
Играчките за деца до една година треба да бидат изработени од материјал што може да се дезинфицира, при што играчката не смее да го промени квалитетот. Влакненцата од играчките и косата на куклите не смеат да паѓаат при чешлање и кубење. Боите на играчките не треба да содржат мириси и да се симнуваат при триење со памук, миење со топла вода и сапун и дезинфицирање.
Организацијата на потрошувачи во соработка изработи брошура на што треба да обрнете внимание кога одбирате играчки за вашето дете и како да го заштитите од несакани последици. Во неа стои дека при купување на детски играчки особено треба да се внимава на големината, обликот и материјалот од кои се направени и дали ја содржи ознаката ЦЕ.
Оваа ознака е воведена од страна на ЕУ и значи дека играчката е произведена според добро дефинирани стандарди за намалување на физичките, хемиските, електричните и здравствените ризици. Како и да е ЦЕ ознаката само применува некои безбедносни аспекти во врска со нормалната состојба и ракување со играчката и не претставува индикатор за квалитет.
Досегашните европски истражувања покажуваат дека и играчките кои ја содржат оваа ознака не се безбедни за децата, содржат многу ситните делови кои се опасни бидејќи можат да бидат проголтани од помалите деца, материјалот од кој се направени кадифените мечиња е лесно запалив, а тешките метали од кои се направени количките и камиончињата штетно влијаат на здравјето кај децата.
Детските играчки кои се продаваат во продавниците и на пазарите се произведуваат во Азија, а поголемиот дел од нив не ги задоволуваат стандардите за безбедност.
Од друга страна, поради ограничениот буџет за подароци родителите за своето дете обично ја одбираат играчката што можат да си ја дозволат и затоа малку се интересираа за оваа проблематика. Во последните години, безбедноста на играчките како проблем во Македонија се актуализира, поради што свеста на родителите е подигната на повисоко ниво.