Според информациите кои се пренесоа во дел од електронските медиуми во Македонија, огромни редици веќе трет ден има пред болниците и здравствените центри во повеќе делови на Грција, од граѓани кои чекаат да се тестираат за Ковид-19. Дел од граѓаните се со симптоми или веќе имаат позитивен резултат од селф тестот, односно тестот за домашна употреба и чекаат да се тестираат со рапид или ПЦР, додека пак други сакаат да се проверат бидејќи имале контакт со потврден случај.
Редици освен во Атина, има и во Солун, но и во други градови, а граѓаните, ја користат можноста за бесплатно тестирање, не само во државните болници, туку и на местата каде што се мобилните единици на Националната организација за јавно здравје на Грција, кои тестираат со брзи тестови.
Тестирања се вршат и во аптеките, каде што цената на рапид тестот е најмногу десет евра, додека пак во приватните дијагностички центри, ПЦР тестот е 60 евра.
Од минатата седмица, во Грција има драстично зголемување на новозаразените и брзо ширење на вирусот со над 170.000 нови случаи за само шест дена. Вчера, беа регистрирани 17.633 заразени од 78.679 тестови, односно стапката на позитивност е околу 22 отсто. За време на празниците, Грците добија по два бесплатни селф тестови за самите да се тестираат во домашни услови за дополнително да се спречи ширењето на вирусот.