Меѓу 9 349 патници, кои од странство пристигнале на атинскиот и солунскиот аеродром во периодот од 15 до 21 јуни, бил регистриран 21 позитивен случај на Ковид-19, додека пак од граничниот премин со Бугарија имало пет лица заразени со коронавирусот, објави грчкиот весник „Елефтерос типос“.
За една седмица, на двата аеродроми кои од минатиот понеделник се отворени за меѓународни летови слетале над 120 авиони, со околу 14 000 лица, а било спроведено тестирање на патниците од 93 летови – 67 во Атина, 27 во Солун и биле откриени позитивните случаи.
Заразените со Ковид-19, според весникот, дошле од Париз, Амстердам, Доха, Рим, Брисел, Женева, Белград, Софија, Милано и Тирана.
При тестирање по случаен избор на граничниот премин Промахонас, за влез во Грција од Бугарија, биле откриени пет позитивни случаи.
„Елефтерос типос“ коментира дека многу работи ќе бидат појасни од 1 јули, кога ќе се отворат сите аеродроми во земјата, а туристите директно ќе пристигнуваат на туристичките дестинации.