За прв пат во Македонија свои персонални асистенти ќе добијат 100 лица на возраст од 18 до 64 години, кои имаат потешка или најтешка физичка попреченост или лица со целосно оштетен вид.
Лицата со попреченост веќе можат да се јавуваат во центрите за социјална работа со барања за персонални асистенти, а се очекува првите да ги добијат во мај. Тие треба да им помагаат при извршувањето на секојдневните лични и домашни активности, при посета на високообразовни институции, неформално образование, професионална рехабилитација или поддршка на работно место.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека со овој чекор се исполнува долгогодишното барање на лицата со попреченост, што треба да придонесе за нивно независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина.
Од организациите на лицата со хендикеп се задоволни од воведувањето на програмата, но бараат во иднина тоа да биде законско решение. За надминување на проблемите на лицата со хендикеп ви е потребен систем, велат, без тоа не може ова да функционира. Персоналната асистенција, посочуваат, е поврзана со голем број други права и треба да биде тесно поврзана и со други сервиси за поддршка кои, пак, кај нас ги нема и треба да се размислува за нивно воспоставување.
Во МТСП очекуваат веќе во мај првите лица со попреченост да добијат асистенти, бидејќи обуките за спроведување на програмата веќе се во тек и се реализираат. Во тек е и постапка за пријавување на невработени лица во Агенцијата за вработување кои сакаат да работат како персонални асистенти.
Паралелно со овој оглас Министерството распиша јавен повик до здруженијата на граѓани да се пријават и да добијат согласност за спроведување на услугата персонална асистенција, а објавен е повик за пројавување интерес за обучувачи за услугата персонална асистенција, со верификувана програма во Центарот за образование на возрасни.
– По завршување на овие постапки ќе почне обуката за пријавените невработени лица, во траење од 200 часа, кои ќе бидат поделени на теоретски дел, додека практичниот дел од обуката планирано е да биде со лицата со попреченост кои ќе се пријават да користат асистенција. Лицата со попреченост можат да се пријавуваат во Центрите за социјална работа од 1 април, така што во текот на овој месец ќе може да почнат постапките за утврдување на потребата, исполнетоста на условите, како и да се утврди потребниот број часови асистенција за овие лица, велат од Министерството.
Лицата кои бараат персонален асистент треба да можат самостојно да донесуваат одлуки за идентификација на сопствените потреби и да имаат потреба од најмалку 20 часа асистенција во текот на неделата.
Од Министерството посочуваат дека едно невработено лице може да биде асистент и на повеќе лица, доколку за тоа се согласат и лицата со попреченост кои имаат потреба од асистент и доколку успеат да ги усогласат часовите за асистенција во текот на денот. Личната асистенција, согласно програмата, е ограничена на 80 часови месечно за лице. Потребата и распределбата на часовите ќе биде усогласена со самото лице кое ќе ја користи услугата и согласно утврдената потреба.
Асистентите ќе бидат лица кои поседуваат сертификат за завршена обука за стекнување со вештини за лична асистенција, верифицирана од ЈУ Центар за образование на возрасни. Во Оперативниот план за мерки и услуги за вработување за 2018 година се предвидени средства за обука на 100 невработени лица.