Институтот за јавно здравје до вчера во 12 часот регистрира уште 12 нови случаи на коронавирус во земјата, со што вкупната бројка на болни со ковид 19 достигна 148 заразени. Досега од овој вирус во земјава починаа две лица, а едно лице е излекувано.
Според Министерството за здравство по градови во Скопје се уште 7 лица и Куманово 5. Инаку, според местото на живеење, досега случаи на ковид-19 се регистрирани во: Скопје (88) лица, Дебар (40) – од кои 1 починат, Куманово (8) – од кои 1 починат, потоа следуваат Штип (7), Кавадарци (2), Охрид (2) и Гостивар (1).
-На територијата на Скопје досега се регистрирани најголемиот број од заболените од коронавирус, од нив дел се на Клиниката за инфективни болести, а дел на домашно лекување. Досега нема локално автохтоно жариште никаде во земјава, ниту во Скопје, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Дел од заболените во Скопје се во болница на Клиниката за инфективни болести, а останатите се на домашно лекување.
– Лицата кај кои е потврден коронавирусот се во фаза на лекување. Дали ќе се лекуваат на Клиника или во домашни услови зависи од лекарите и манифестацијата на болеста. Во зависност од состојбата се лекуваат на Клиника или на домашно лекување. Ние тоа го преземавме од германскиот модел и сметам дека е сосема солидно така да продолжиме, појасни Филипче.
Министерот Филипче повторно порача дека има сосема доволни количини на лекови и дека граѓаните треба да бидат спокојни и да не прават домашни аптеки. Според него изминатиов период има повеќе студии од веќе аплицирана терапија во светот, па е обезбедена целата потребна терапија за навистина голема бројка пациенти со коронавирус во нашата земја.
– Процедурата е таква што протоколот за лекување треба да се прифати на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести, потоа правната постапка со добивање дефинитивна дозвола за употреба на оваа комбинација на терапија од Агенцијата за лекови по што веднаш ќе биде аплицирана на сите пациенти каде тоа е индицирано. Станува збор за терапија која во многу земји веќе ја ставија во протоколите со оглед на тоа што даде добри резултати, рече Филипче.
На сите лица кои беа во врска со Клиниката за кожни болести веќе се истечени 14 дена, сега се прави распоред и план како тие сите да се тестираат. Потоа ако резултатите се негативни тие ќе се вратат на работното место.
Инаку во функција се 14 центри за тестирање на територијата на целата земја за земање брисеви, кои се веќе објавени на сајтот на МојТермин. Во ова се ангажирани близу 1.200 матични лекари кои ќе се вклучат во процесот на дијагноза, но и во водењето на пациентите. За нив ќе се обезбедат и заштитни маски и ракавици.
– Секој еден пациент може да се јави кај својот матичен лекар кому ќе ги каже неговите симптоми или неговата анамнеза односно епидемиолошка анкета. Согласно податоците матичниот лекар веќе има електронски алгоритам, кој ќе укаже на тоа дали е потребно тестирање или не, и доколку е потребно кој е степенот на итност. Со тоа преку системот Мојтермин ќе се закаже соодветно време во кое ќе биде земен брисот, во еден од 14-те пунктови ширум државата, или овде кај нас во Скопје во пунктовите „Јане Сандански” и Ченто, истакна Филипче.
За резултатите од тестот граѓаните ќе бидат соодветно известени, по што во зависност од тоа дали ќе биде позитивен или негативен тестот ќе биде заземен став за натамошно лекување. Лекувањето може да продолжи на Клиника или во домашни услови, а во целосна и секојдневна комуникација и со матичните лекари и со доктор и сестра од Клиниката за инфективни болести што веќе функционира за оние пациенти кои се сега на домашно лекување.
Што се однесува до огромната побарувачка за лекот сумамед, министерот рече дека во аптеките се донела одлука да се издава само со бел рецепт, значи на трошок на Фондот за здравствено осигурување и апелираше граѓаните да не прават залихи на овој лек, бидејќи навистина има огромна, сосем доволна количина во нашата земја и не би било добро некој да самоиндицира лекување со антибиотска терапија.
Филипче: По два циклуса на немање нови случаи ќе знаеме дека вирусот е целосно исчистен
Министерот смета дека ситуацијата со коронавирусот во земјава ќе има позитивно сценарио, а тоа ќе се случи ако по два циклуса на немање нови случаи ќе знаеме дека вирусот е целосно исчистен.
– Мора граѓаните да ги почитуваат сите овие мерки. Механизмот е тој, после два циклуса на инкубација, практично сметаме дека вирусот повеќе не е никаде околу нас. Значи, тие кои биле заболени целосно оздравеле после процесот на лекување, а го нема ниту, пак, на површините и тоа е таа логика зошто се препорачува социјална дистанца, зошто инсистираме на почитување на овие одлуки, да нема движење надвор и нормално заштита на ризичните категории, нагласи министерот.
И приватни здравствени установи ќе вршат интензивна нега и терапија на пациенти со коронавирус
Приватните здравствени установи надвор од мрежата на здравствени установи кои вршат дејност за интензивна нега и терапија, ќе ја вршат оваа дејност во мрежата на здравствени установи за укажување здравствени услуги на пациенти заболени од коронавирус, одлучи Владата на седница.
Одлуката ќе важи додека трае вонредната состојба во земјава.
-Фондот за здравственото осигурување на Република Северна Македонија ќе склучи договори со овие институции со кој ќе се утврдат обемот и видот на здравствените услуги кои приватната здравствената установа ќе ги врши во периодот на важењето на оваа Уредба, согласно прописите од областа на задолжителното здравствено осигурување, соопшти владината прес-служба