Првото медицинско истражување на светот во коешто е дозволено намерно изложување на испитаниците на новиот коронавирус SARS-CoV-2 бара доброволци поради развој на подобри вакцини против коронавирусната болест Covid-19.
Истражувањето на Универзитетот Оксфорд е започнато ланскиот април, три месеца откако Велика Британија стана првата земја на светот којашто одобри испитувања во врска со Covid-19 кај луѓе. Неговата прва фаза, којашто сѐ уште е во тек, насочена е на откривање на количеството вирус коешто е потребно за предизвикување на инфекцијата, додека втората фаза ќе има цел да го одреди имунолошкиот одговор потребен за да се спречи заразата, објави универзитетот во соопштение за медиумите.
Научниците се близу до утврдувањето на најслабата можна инфекција со вирусот која осигурува околу половината од луѓето кои се изложени на него да добијат асимптоматски или благ Covid-19. Потоа планирааат да ги изложат волонтерите, сите претходно природно заразени или вакцинирани, на таа доза од изворната варијанта на вирусот за да утврдат кои нивоа на антитела или имуносните Т-клетки се потребни за спречување на инфекцијата.
– Тоа е имунолошкиот одговор кој треба да го поттикнеме со новите вакцини“, изјави Хелен Мекшејн, професорка на Универзитетот Оксфорд и водечки научник во студијата. Наодите од истражувањето ќе помогнат идниот развој на вакцините да биде побрз и поефикасен, се додава во соопштението.
Имунолозите во светот се обидуваат точно да го одредат нивото на имунолошката реакција која вакцината мора да ја предизвика за да го заштити организмот од болеста. Кога ќе биде откриено тоа ниво, значително ќе бида намалена потребата од масовни испитувања на вакцините. Научниците со децени користат опити врз луѓе за да развијат третмани против многу заразни болести, но ова е првото познато такво истражување за Covid-19.
Негативната страна на истажувањето е ризикот по здравјето на доброволците кои ќе заболат од коронавирусната болест, но научниците ги преземаат сите мерки на претпазливост. Испитаницата мора да бидат здрави и на возраст меѓу 18 и 30 години. Тие ќе бидат во карантин најмалку 17 денови, а сите кои ќе развијат симптом ќе го добијат скапиот лек на база на моноклонски антитела „Ronapreve“, заеднички развиен од фармацевтските компании „Regeneron Pharmaceuticals “ и „Roche“.