Вработената во гевгелиското Обвинителство по вибер му ги праќала тајните документи на нејзиниот сопруг, инаку адвокат, а кои се однесувале на предмети по што постапувале нејзините колеги обвинители. Обвинителството информира дека припадници на Отсекот за економски криминалитет во Гевгелија на 23 мај извршиле претрес во службените простории на гевгелиското обвинителство, при што од канцеларијата на осомничената беше одземен нејзиниот службен компјутер.
Била извршена форензичка анализа на одземениот компјутер. Извештајот од извршеното вештачење ги потврдил сомневањата дека вработената користејќи вибер, на адвокатот неовластено му испраќала службени документи и податоци кои претставуваат службена тајна. Со оглед на тоа што се работи за постапка против лице вработено во Основното јавно обвинителство Гевгелија, ова обвинителство по комплетирање на предметот, достави барање за преземање на надлежноста до Вишото јавно обвинителство Скопје кое треба предметот да го распореди на натамошно постапување во друго обвинителство.
Инаку, Обвинителството од Гевгелија иницираше постапка против вработена во Казнено-правното одделение на гевгелиското обвинителство како помлад јавнообвинителски соработник за казнено право, поради „оддавање службена тајна“. Во периодот од средината на 2017 година до 23.05.2018 година во повеќе наврати испраќала службени документи од Основното јавно обвинителство Гевгелија на нејзиниот сопруг – адвокат, а со цел противправно прибавување имотна корист, како и нарушување на честа и угледот на институцијата во која работела. Пријавената ова го правела без дозвола и без знаење на обвинителите кои работат во Основното јавно обвинителство Гевгелија.
- Осомничената на адвокатот, инаку нејзин сопруг, му испраќала кривични пријави, службени белешки и други документи изработени од организациони единици на Министерството за внатрешни работи, записници, спогодби и други документи изработени од Основното јавно обвинителство во Гевгелија, службени документи издадени од Основниот суд во Гевгелија кои преставуваат службена тајна, како и документи од други јавни установи, кои директно или индиректно биле поврзани со предметите за кои овој адвокат се јавувал како ополномоштен бранител, информира Обвинителството.