Долг е редот за чекање за операција на, народски кажано, перде на око на Универзитетската клиника за очни болести во Скопје. Граѓаните се жалат дека се чека со месеци, дека некои од нив дури и се одлучиле да заминат во приватните болници и да одвојат едно мало богатство за да го санираат медицинскиот проблем.
– Чекам со месеци за операција. Јас сум човек во години и времето е од голема важност за мене. Нешто мора да се направи за да се намали редицата на граѓани што чекаат. Навистина е исцрпувачки кога знаеш дека за да можеш нормално да функционираш и да гледаш, мора да чекаш со денови, недели па и месеци – вели 65-годишен граѓанин, кој ја очекува својата операција на перде на око.
Дополнителен проблем е тоа што оние граѓани што и покрај тоа што имале закажан оперативен зафат на катаракта на Универзитетската клиника за очни болести, се одлучиле лекувањето да го реализираат на приватните клиники, а притоа да не ги известат надлежните за да бидат тргнати од списокот на чекање, па сето тоа претставува дополнителна редица за оние што чекаат во ред.
– Не се одјавив, од причина што изумив. Знам дека не е фер и знам дека листата е долга, но кога ќе се соочите со ред на чекање, кој можно е да трае повеќе месеци, одлучувате да си го поштедите времето и да заминете на некоја од приватните клиники, притоа целосно заборавајќи дека таму сте биле на листа на чекање – вели Гордана К., која веќе ја санирала катарактата на очите.
Од Универзитетската клиника за очни болести информираат дека за операција се чека од два месеца до една година.
– Денес катарактата или популарно наречено перде, претставува најчесто офталмолошко заболување и е многу почесто од минатото. Со оглед на големиот број пациенти од целата држава и ограничените ресурси во другите очни одделенија, времето на чекање за операција на нашата клиника се движи од два месеца до една година. Листата на чекање е долга и од причина што некои од пациентите се водат на листата, а веќе се оперирани во приватните болници низ државава истите тие не се избришани од постојната листа бидејќи не се јавиле – вели директорот на Универзитетската клиника за очни болести, доктор Христијан Дума.
Тој објаснува дека со унапредување и подобрување на хируршките методи и технолошки унапредувања на опремата, кои ги вовеле, во очекување се да се зголеми бројот на операциите.
– За 2018 година планирано е да се извршат 2.470 хируршки интервенции на катаракта, од кои околу половина се завршени во првите шест месеци – информира Дума.
Директорот посочува дека од следната година ќе се зголеми бројот на лекари што ќе ги вршат овие операции и ќе се отвори уште една хируршка сала, која ќе ја олесни целата ситуација.
– Со целиот овој план ќе се намали бројот на пациенти што се на листата на чекање – најави тој.
Додека пациентите чекаат и до година дена за операција, министерот Филипче освен за тендери во четири очи и давање на пари на свои блиски за ништо друго не се ангажира во македонскиот здравствен систем. Сите македонски пациенти кои во моментот чекаат за операција, се без лекарства или лекарствата се со поминат или близу поминат рок, сите се надеваат на едно дека министерот со време ќе си даде оставка и ќе ги реши од оваа голгота. – посочија дел од пациентите кои чекаат на листата за операција на катаракта.