Промоција на книгата „Песнопоец” на Зафир Хаџиманов во Белград
Во Белград во Здружението на писатели на Србија со книжевна вечер се промовира книгата Песмопојац/Песнопоец на Зафир Хаџиманов, македонски поет, актер, композитор и почесен амбасадор на културата во Србија.
Книгата ја промовираа претседателот на српското здружение на писатели Радомир Андриќ и издавачот на книгата, директорот на Македонскиот информативен издавчки центар во Србија, писателот Виктор Шеќеровски.
Книгата Песнопојац/Песнопец на Зафир Хаџиманов е публикувана двојазично, на македонски и на српски јазик. Таа преставува второ издание на книгата „Кисело Весело“ на кратки раскази, која е публикувана и на македонски и на српски јазик.
– Сега направивме една заедничка книга под името Песнопеец, која ја дополнив со нови извадоци од мојот се уште недовршен и необјавен роман. Јас сум сега целосно во дијаспора и многу ми е драго што во овој мој сегашен статус, како емигрант и малцинство во една земја, што имам можности да публикувам едно вакво издание и да доживеам ваков убав гест, Здружението на писатели на Србија да одржи книжевна вечер, во моја чест, зизјави Зафир Хаџиманов.
Додаде дека книгата Песмопојац/Песнопоец преставува збирка на автобиографски кратки раскази. – Тие, вели, зборуваат за моето Скопје, моето детство и мојата прва младост. Последниот расказ кој се вика БГД е посветен на моето доаѓање во Белград, кога се завршува сето она што сакав да го кажам за моето созревање во Скопје. Во книгата не се говори само за мене, туку и за целата моја генерација, бидејќи пишувам во прво лице еднина зборувајќи и за моите другари и блиски пријатели, посочува Зафир Хаџиманов.
Книгата Песмопојац/Песнопоец е шеста книга на Зафир Хаџиманов како мултимедиален уметник кој се занимава со поезија, проза и музички дела, но ова е прва прозна книга со кратки раскази. Зафир Хаџиманов е автор на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Од бројните песни што ги испеал, најпознати се: „Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, Од љубов не се бега“ итн. Исто така, тој играл главни улоги во неколку филмови, меѓу кои и „Македонска крвава свадба“,,„Нож“, „ Македонска сага“ и „Кога ќе осамне денот“ и др., како и во повеќе ТВ серии, меѓу кои е и неговото последно актерско остварување во серијалот Немањиќи на РТС.
Зафир Хаџиманов, кој речиси целиот животен век го поминал во Белград е носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб во 2003 година.
Како личност која со години ја афирмира културата на Македонците во Србија, на Зафир Хаџиманов на промоцијата на книгата во Здружението на писатели на Србија, му беше доделена наградата „Македон“ од Македонскиот информативен издавчки центар во Србија, за афирмација на македонската култура во Србија и поврзувањето на двата народа.