Лекарите не само што треба да го проверуваат високиот крвен притисок, туку и да ги следат промените при секоја посета на своите пациенти, сугерира новото истражување, пишува „Дејли мејл“.
Студијата спроведена во Велика Британија, која опфати повеќе од милион читања, покажала дека варијабилноста на крвниот притисок е главниот предиктор за ризикот од срцев и мозочен удар.
Пациентите со флуктуирачки отчитувања може да бидат изложени на поголем ризик од кардиоваскуларен настан од оние со висок, но со стабилен крвен притисок кој се држи под контрола со лекови.
Истражувачите од Империјал колеџ следеле повеќе од 8.000 пациенти од Велика Британија со висок крвен притисок повеќе од 20 години. Тие откриле дека варијацијата на систолниот крвен притисок со текот на времето е силен предиктор за мозочен удар, срцев удар и атријална фибрилација. Ова било случај дури и кај пациенти кои имале читања на крвниот притисок во здравиот опсег, но кои варирале помеѓу посетите на лекар, според резултатите објавени вчера во „Европски весник за срце“ (European Heart Journal).
– Долго време знаеме дека високиот крвен притисок го зголемува ризикот од срцев и мозочен удар, но нашите најнови откритија исто така ја нагласуваат важноста од следење на варијабилноста на крвниот притисок со текот на времето – коментира авторот на студијата, професорот Питер Север.
Најголем дел од испитаниците биле мажи со просечна возраст од 64 години. Меѓу пациентите со просечен систолен крвен притисок помал од 140 ммХг, оние со најголема варијабилност имале 16 отсто поголем ризик од срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни настани во споредба со групата со најмала варијабилност.
Исто така, се покажало и дека повеќе од половина од инцидентите (53 отсто) се случиле кај пациенти чиј крвен притисок бил добро контролиран со лекови, под 140 ммХг, што укажува на тоа дека прагот и лекувањето се недоволни.
Истражувачите заклучуваат дека резултатите покажуваат дека варијабилноста на систолниот крвен притисок од 13 ммХг или повеќе во текот на пет години може да биде поврзана со значително зголемен ризик од кардиоваскуларни настани.