Вашето здравје, здравјето на бебето, разни компликации кои може да се појават неочекувано.
Треба да сте подготвени дека не секогаш работите се одвиваат како што вие сакате и сте замислиле.
Царскиот рез е опција за раѓање на детето секогаш кога ќе се појави неможност истото да се роди по природен пат.
Што би требало да знаете за царскиот рез – совети од жени кои имаат искуство со оваа операција:
1. На секоја може да ѝ се случи да заврши во операциона сала.
Иако сте добиле породилни болки, имате контракции, сте почнале да се „отворате“ – ова не е гаранција дека ќе родите природно.
Ако имате повеќе килограми не значи дека мора да родите со царски рез.
Честопати царскиот рез се случува кога докторите ќе забележат дека контракциите му пречат на плодот или ако детето нема доволно плодова вода и има недостиг на кислород.
Царскиот рез може да биде и планиран доколку положбата на фетусот е несоодветна за природно породување.
2. Царскиот рез е сериозна операција.
И затоа нема логика сами да барате да ве породат со царски рез доколку нема реална потреба.
Мајките добиваат длабок “рез“ кој потоа треба да се затвори и сошие во неколку фази.
Операцијата трае помеѓу 20 и 40 минути. Доброто е што со помош на спинална анестезија, не чувствувате болка за време на операцијата иако сепак ги чувствувате движењата и дразбите при вадење на бебето.
3. Ќе ви стават катетер.
Но, не грижете се. Ова е олеснителна околност и единствен начин да ја празните бешиката еден ден по операцијата.
Станувањето од кревет не се препорачува 24 часа.
4. Да, ќе боли.
Но, ќе боли неколку дена по операцијата. Најтешко е станувањето од кревет и движењето првите неколку дена.
Можно е да имате и грчеви од враќањето на „цревата“ во стомакот во нормала. Побарајте си апчиња за болка.
5. Ќе мора да се движите повнимателно после царскиот рез.
Внимавајте во првите неколку недели. Не кревајте ништо потешко од бебето.
Не правете премногу нагли движења кои може да ви предизвикаат болка.
6. Нема да имате рана.
Лепењето на местото каде што сте „исечени“ во денешно време е идеално.
Немате рана и нема потреба да се грижите на посебен начин за местото откако ќе ве пуштат од болница. Ќе имате само белег во форма на линија.
Конци има само на краевите и истите ќе ви ги извадат во болница, процедура од 30 секунди која нема да ја забележите.
7. Мошне веројатно е млекото да ви надојде неколку денови подоцна.
При природно породување млекото може да надојде уште после неколку часа. При раѓање со царски рез потребни се неколку дена.
Важно е уште од вториот ден по раѓањето да го ставате бебето на градите за да почне да се привикнува.
8. Велат дека децата родени со царски рез имаат послаб имунитет.
Имаат поголем ризик да развијат дијабетес и астма.
Децата родени со царски рез се помалку изложени на вагиналните и гастроинтестиналните микроорганизми од мајката, што може да има улога во нивната исхрана и тежина како што растат.
9. Дали по царски рез можете да родите друго бебе по природен пат?
Да. Постои ризик, и помала е веројатноста докторот да се одлучи за раѓање по вагинален пат, но не е невозможно.
Сепак, ова зависи од вашето тело, здравје, бебето, бременоста и уште многу други фактори кои треба да ги разговарате со вашиот гинеколог.
10. Можно е да страдате од постпородилна депресија.
После итен царски рез шансите за развој на постпородилна депресија се зголемуваат за 15%.
Ова зависи од повеќе фактори, но важно е да се трудите да поминувате време со бебето, да разговарате со домашните и да одвоите некој час за себе.
11. Не треба да се срамите за начинот на кој сте родиле.
Нека не ви паѓа на памет да се обвинувате себеси затоа што не сте можеле да родите по природен пат.
Не, не сте помалку мајка. Напротив. Вие сте поминале низ тешка операција за да донесете нов живот на овој свет.
Важно е дека сега бебето е во ваши раце, а вие сте мајка!