МАКЕДОНСКА КАМЕНИЦА: Нема доктори во амбулантата, Филипче вети доктори после избори?!

Со поддршка од Министерството за здравство ќе се решава проблемот со недостиг на персонал во амбулантата во Македонска Каменица. Вработувањата во оваа установа што работи во состав на здравствениот дом…

Со поддршка од Министерството за здравство ќе се решава проблемот со недостиг на персонал во амбулантата во Македонска Каменица. Вработувањата во оваа установа што работи во состав на здравствениот дом “Гоце Делчев” од Делчево ќе се реализираат по претседателските избори, најави државниот секретар при Министерството за здравство, Владимир Милошев, кој беше во работна посета на Делчево и Македонска Каменица.

– Како Министерство за здравство сме обврзани да влеземе во процес на менаџирање на решавање на потребите и на проблемите во здравствените установи. Со директорката веќе разговаравме за недостигот од кадар во амбулантата во Македонска Каменица. Таму од предвидени четири тима, активни се само три, што значи дека недостига доктор во Итната медицинска помош. Недостига и помошен персонал за што Министерството за здравство е спремно да даде согласност за вработување, веднаш по изборите, бидејќи согласно со законот за време на избори не е дозволено да се врши вработување истакна Милошев.

Директорката Марија Глигоровска рече дека се разговарало и за специјализации во установата потребни за оваа и за наредната година.
– Имаме направено свој план во поглед на тоа, а државниот секретар изрази желба да ни помогне ако имаме потреба и во други специјалности, истакна Глигоровска.

Тука последователно се наметнува прашањето, што со сите оние пациенти кои ќе имаат потреба од итна медицинска помош, што со сите нив кои немаат доктор за да ги прегледа, да им ја даде таа помош, како и местата на кои недостасуваат доктори, како и што да прават пациентите додека да завршат изборите? Да се воздржат од своите итности или едноставно што ќе даде господ тоа, па тие што ќе преживеат после избори ќе имаат наводно доктори, според даденото ветување од министерството за здравство.

Гледајќи ги наназад дадените ветувања и процентот на реализација на истите ситуацијата и после изборите нема драстично да се смени за нас граѓаните од Македонска каменица – посочија вознемирени граѓаните и пациентите со кои успеавме да поразговараме.

 


Related Articles