Честопати спиењето во текот на ноќта го сфаќаме како закрепнувачка функција: витално тивко време кое ни го полни и закрепнува телото. И тоа е така, но можеби не на начин на кој замислуваме. Всушност, недамнешни истражувања покажуваат дека кога станува збор за заздравување на рани, нашето тело всушност значително побрзо заздравува ако повредата е настаната во текот на денот отколку во текот на ноќта, поради начинот на кој циркадијалните ритми го контролираат функционирањето на клетките. Се верувало дека циркадијалните ритми биле контролирани само од внатрешниот часовник од хипоталамусот на мозокот, но сега научниците веруваат дека биолошкиот осет за време е присутен во сите клетки од телото.
Точно како сето ова функционира е комплексно прашање и сè уште се испитува, но не може да се негира фактот дека овие механизми можат да имаат моќни последици – на пример, заздравување на повредено ткиво за драматично различно време, во зависност од делот од денот кога е настаната повредата.
За да се истражи ова, во 2017 година, истражувачи на универзитет Кембриџ анализирале како кожните клетки наречени фибробласти функционираат различно, во зависност од делот од денот.
Кога ќе се повредиме, овие фибробластни клетки мигрираат кон повредената област и произведуваат протеини за обновување како на пример, колаген, кој помага за обновување на оштетеното ткиво.
Но, овие клетките зависат од протеинот актин, и во ситуација кога нема доволно актин, се нарушува подвижности на фибробластите.
Како што е случај, она што го одредува нивото на актин е циркадијалниот ритам. Баш како што ние зависиме од циклосот ден и ноќ, овие кожни клетки исто така се робови на циклусот ден-ноќ.
За да се открие начинот на кој функционира овој процес, истражувачите испитувале фибробластни култури одгледувани на петриеви подлоги. Кога овие култури биле изгребани во различно време, повредите добиени во симулирани „ноќни“ услови заздравеле побавно отколку оние што настанале во текот на денот, како резултат на различната брзина на одговор од страна на фибробластите.
„Ова е постојана ситуација со миграцискиот капацитет на клетките, во близина на свежа рана, одредено од динамичната состојба на актинот во циркадијалната фаза кога настанала раната“.
Експериментите изведени со живи глувци ја покажале истата појава, со тоа што животните побрзо заздравеле доколку со исекотина се здобиле додека биле будни отколку кога истата повреда би се случила во период кога тие би биле заспани.
„Постојано гледаме двократна разлика во брзината на заздравување на рани кога станува збор за временскиот период,“ објаснува авторот и молекуларен биолог Џон Онил, кој, исто така, појаснува дека овие одговори можат да бидат манипулирани.
„И кај клетките и кај глувците, можеме да го ресетираме одговорот за заздравување на ткивото со тоа што ќе ги измамиме клетките да веруваат дека е различен дел од денот – како на пример, вклучување светло навечер или исклучување на светлото во различен дел од денот за глувците, или пак, преку користење на лекови кои влијаат врз внатрешниот часовник на испитуваните клетки.“
Истражувачите веруваат дека овие техники можат да имаат голем ефект во медицинските третмани, овозможувајќи им на хирузите да ги изведуваат операциите во временски периоди кои најдобро ќе им одговорат на пациентите.
Ова е важно бидејќи истражувањето посочува дека истото нешто се случува и кај човечките пациенти.
Кога истражувачите анализирале клинички податоци од пациенти кои се здобиле со изгореници, тие откриле изненадувачка разлика во исходот на третманите.
За изгорениците кои настанале во текот на ноќта (во период од 8 часот навечер до 8 часот наутро) во просек било потребно 60 проценти подолго време за тие ефективно да заздрават отколку кај изгореници настанати во текот на денот: 28 дена за изгореници настанати во текот на ноќта, во споредба со само 17 дена за изгореници настанати помеѓу 8 часот наутро и 8 часот попладне.
Ова е голема разлика и претставува нешто што може потенцијално да доведе до нови техники кај медицинските третмани кои се фокусираат кон изучување на циркадијалните ритми.
„Не само што ќе може да се идентификуваат нови медицински таргети, туку можеби ќе се зголеми и ефективноста на установените терапии со променување на времето кога тие се препишуваат,“ – вели еден од истражувачите, респираторниот клиничар Џон Блејкли од универзитетот Манчестер.
А што се однесува на тоа зошто побавно заздравуваме во текот на ноќта, никој не може да каже со сигурност, иако истражувачите шпекулираат дека можеби станува збор за еволуциска адаптација: побрзо заздравуваме во текот на денот бидејќи тогаш сме поактивни и тогаш е поверојатно да се здобиеме со повреди.
Пред да имаме неков бенефит од ова треба да се направат уште истражувања, но ова е сепак најнов доказ за тоа колку е влијателна циркадијалната биологија за нашето целокупно здравје, засегнувајќи ги не само нашите навики на спиење, туку и апетитот, состојбата на умот, како и однесувањето.