Протест во понеделник на лекарите специјализанти кои се со кофинансирање. Околу 130 доктори ќе бараат од Министерството за здравство решавање на нивниот статус преку трансформација на работниот однос на неопределено за и тие да добијат од најавеното зголемување на платите на здравствените работници. Реагираат дека сега се со минимална плата и никој не им гарантира дека по специјализацијата ќе имаат каде да работат. Филипче вели дека е легитимно правото да протестираат иако по средбата што ја имал со специјализантите се договориле да бараат законски начин за решавање на нивниот проблем.
-Ние договоривме дека ќе направиме неколку работни средби во рамки на Министерството со правната служба во рамки на нашата соработка со Фондот за здравствено осигурување и веројатно со пратениците со цел да се види каква е можноста тој Закон во тој дел да се промени. Закажавме уште една средба за тогаш кога ќе ги имаме информациите во текот на следната недела за да видиме што и како можеме да направиме во однос на динамиката за тоа што следува во Собранието, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Незадоволство нема само кај кофинансираните специјализанти. Протести најавуваат и возачи, болничари, техничари сметководители кои работат во болниците и клиниките бидејќи се администрација и затоа не добија ниту денар зголемување на личниот доход. Со 10 проценти не се задоволни и здружението на медицински сестри За Нас кои бараат 15 проценти за сите за да не си оди овој кадар од земјата.
– Ние сите работиме исто не според образование, исто согоруваме и на крај добиваме различни плати. Мора да ги сослушаат нашите барања за доброто на сите, вели Гордана Бешлиовска претседател на Унија на ЗМСТАС
И додека за едни медициснки сестри ова процентуално зголемување ќе направи голем јаз меѓу платите на оние со средно и оние со високо образование, од Комората на здравствени работници реагираат дека секој денар плус на контото е во интерес на сите.
-Ние сакаме 100 проценти кој не сака, но мора да прифатиме дека 10 проценти сепак треба да прифатиме е добро, секое зголемување е добро за нас. Ние секако и понатаму ќе продолжиме со нашите барања и не застануваме тука, вели Вики Котевска претседател на Комора на здравствени работници.
Предлогот на Министерството за здравство лекарите специјалисти да добијат 25 проценти, медицинските сестри 10 а здравствени соработници 5 го прифатија и двата здравствени синдикати, со најава дека во иднина ќе бараат решение и за административниот кадар.
-Ние ќе продолжиме со нашите барања, но Советот на Синдикатот одлучи да го потпише овој договор, вели Горан Беговиќ, претседател на Синдикат на клиники
-Ова е четврто зголемување на платите и секако ова е резултат на социјалниот дијалог што го имаме, вели Љубиша Каранфиловски, претседател на Самостоен синдикат за здравство.
Денеска реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека власта направила само да порасне и онака постоечкиот револт кај здравствените работници.
Тие велат покачени плати, но наместо тоа излегува нема покачување. Наместо покачување на сите здравствени работници гледаме како ги дели, или за едни има, за други нема, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
До февруари за кога е најавено зголемувањето на платите, министерот Филипче го очекуваат протести и најави за работна непослушност.