Дали некогаш сте се запрашале дали бебето ја сака храната што ја јадете, дали му се допаѓа кога му пеете или дали нешто му пречи? Дознајте сè за вашето бебе бидејќи хроничниот стрес во бременоста може да доведе до низа здравствени проблеми како што се предвременото породување и високиот крвен притисок.

 

 

Дали знаете што прави бебето додека е во стомакот на мајката?

Покрај тоа, стресот може да влијае и врз однесувањето на бебето. Но, добрата вест е дека дури и ако не можете целосно да го избегнете стресот, можете да научите како да управувате со него и како да го намалите. Ако имате позитивни мисли, ќе создадете поздрава околина за матката, а во тој случај, помалку стрес ќе доведе до поздрав развој на вашето бебе. Во продолжение прочитајте што прават бебињата додека се во стомакот на мајката.

Икаат

Икањето е нормална појава што можат да ја чувствуваат многу бремени жени. Бебињата започнуваат со икање уште на крајот на првото или почетокот на второто тримесечје. Некои жени може да го почувствуваат икањето како низа мали ритмички движења, додека некои го чувствуваат само повремено.

Препознаваат песни

Во истражувањето спроведено на Универзитетот во Хелсинки, научниците им пуштале песни на бремени жени во текот на третото тримесечје. По породувањето, тие повторно им ја пуштале истата песна на бебињата и откриле поголема мозочна активност кај оние бебиња кои ја слушале песната додека сè уште биле во стомакот на мајките, отколку кај оние кои не ја слушале песната.

 

 

Вежбаат изрази на лицето

Гледајќи ги снимките од 4Д ултразвук, британските научници откриле дека бебињата до 24-тата недела можат да се смеат. До 36-тата недела, неродените бебиња може да имаат други изрази на лицето, како што се спуштање на веѓите, збрчкан нос или растегнати усни. Исто така, бебињата во матката честопати се проѕеваат и го цицаат прстот.

Го чувствуваат вкусот на храната

Во текот на бременоста, многу често се појавува ненадејна желба за одреден вид храна. Хранливите материи од храната преку амнионската течност стигнуваат до фетусот, кој околу 20-тата недела започнува да чувствува вкусови и мириси, како што е чадот од цигари. Според истражувањето, бебињата чии мајки за време на бременоста јаделе моркови, сакаат да го јадат тој зеленчук повеќе од бебињата чии мајки не ја консумирале таа намирница.

Реагираат на стрес

Според неодамнешното британско истражување, бремените жени кои чувствуваат некаква вознемиреност, ја пренесуваат на бебето кое реагира со почесто допирање на лицето со левата рака.

Плачат

Вревата со ниска фреквенција насочена кон стомакот на мајката, кај бебето во третото тримесечје предизвикува однесување слично на плачење. Бебето ја отвора устата, неправилно дише, а научниците дури и забележале дека им треперат усните.

Им растат влакна

Колку и да звучи чудно, секое бебе развива мали мустаќи додека е во матката. Овие влакненца, попознати како лануго, се меки и тие се првите влакна што ги произведуваат фоликулите обично до петтиот месец од бременоста и потоа постепено се шират низ целото тело. На крајот, вашето бебе ќе ги изеде, а по раѓањето ќе ги излачи преку првиот измет.

Имаат повеќе коски од мајката

Коските кај бебиња почнуваат да се развиваат од 13-тата до 16-тата недела по зачнувањето. До моментот кога ќе се роди бебето, тоа ќе има 300 коски во своето мало тело, додека возрасните луѓе имаат само 206. Сепак, како што растат бебињата, некои коски се спојуваат, а флексибилната ‘рскавица му помага на бебето полесно да го помине породилниот канал.

Срцето им се развива по еден месец

Во просек е потребно околу еден месец за да се развие срцето на бебето и да почне да чука. Веќе на првиот ултразвучен преглед, можете да го слушнете чукањето на срцето на бебето во еднаков ритам, околу 150 пати во минута, а како што расте во текот на деветте месеци, ќе варира од 120 до 160 отчукувања во минута.

Го учат јазикот

Бебињата ги апсорбираат ритамот и интонацијата на говорот на мајката уште додека се во матката. Експертите веруваат дека можете дури и да ја видите разликата помеѓу развивањето на јазикот на бебето врз основа на звуците што ги испушта.

Спијат и сонуваат

Бебињата почнуваат да спијат четири недели по зачнувањето. Сепак, поинтересно е тоа што во 30-тата недела од бременоста се откриени континуирани неправилни и случајни движења на очите кај бебиња, исто како и оние што се случуваат во РЕМ-фазата кога низ мозокот се движат некои сложени слики и информации, што значи дека најверојатно бебињата почнуваат да сонуваат уште во стомакот на мајката.

Чувствуваат мириси

Вашето бебе може да чувствува мириси исто како и вие. Ако почувствувате некој непријатен мирис, најверојатно и вашето бебе ќе го почувствува истото. Се смета дека од 28-та недела, бебето чувствува мириси исто како мајката. Истражувачите дошле до тој заклучок врз основа на фактот дека бебето прави гримаси и се мурти кога мајката ќе почувствува непријатен мирис.