Родителите секогаш се чувствуваат беспомошни кога нивното дете не сака да јаде. Не мислам овде само на мали дечиња туку на возрасни личности кои заради одредени причини имаат период кога не сакаат да јадат. Но, олеснителната околност кај нив е што тие можат да ја кажат причината, да разговараат со родителите и нивната грижа да се намали, бидејќи да исчезне целосно е невозможно.
Поголем е проблемот со малечките дечиња кои почнале да јадат цврста храна веќе неколку месеци и доаѓа период кога решаваат дека не сакаат ништо да јадат. Затвораат уста пред лажичката, ако успеете да им „протнете“ една лажичка, тогаш ја плукаат.
Првата работа која треба да ја заборавите е примената на насилно внесување храна. Заборавете на тоа. Иако е мало човече, сепак сака почит и разбирање од вас.
Не гледајте на часовникот кога го храните детето. Не си поставувајте тајминг во кој треба да изеде 200 грама од ручекот. Штом веќе сте го седнале на столчето за јадење, тогаш посветете се целосно.
Сите знаеме дека децата најлесно се хранат кога вниманието им е насочено на нешто друго. Земете некоја нова играчка, занимавајте го со таа. Со едната рака играјте со играчката и со него, а другата рака користете ја за лажичката.
Децата знаат да одбиваат нови вкусови. Ако сте вовеле месо, тогаш дајте му време да детето да се навикне на вкусот. Можеби ќе ја плукне храната еднаш, двапати, но третиот пат ќе почне да ја јаде. Сменете ја комбинацијата на состојки кои ги ставате за негова подготовка. Ако почне да јаде после промената, тогаш практикувајте го тој сооднос се додека не внесете нова храна.
Ако сепак одбива да јаде, а е љубител на вода или сокчиња од цуцла, во тој случај доближете ја цуцлата до устата и во моментот кога ќе отвори уста, ставете ја лажичката внатре, а потоа дајте му од сокчето да се напие. Така, нема да биде незадоволно бидејќи малку сте го излажале, а сепак ќе се напие од течноста. Ова функционира додека не ја научи тактиката, откако ќе ја научи, сменете ја.
Уште еден трик е да го оставите да гледа телевизија додека јаде. Децата некогаш се фокусираат на одредени телевизиски ликови кои им влечат внимание и тоа е соврешено време за хранење. Штом завршите со оброкот, исклучете го телевизорот и почнете некоја заедничка игра. Така, ќе се чувствува задоволно и наградено заради постапката.
Ако одбива да јаде дома во секоја ситуација, најверојатно му е досаден просторот и му треба промена. Облечете го и надвор на воздух. Ако се уште не е проодено тогаш е поедноставно, ќе го седнете во количката за бебиња и ќе го нахраните полесно. Земете и некоја играчка во рака која ќе ја држи додека вниманието му е насочено кон надворешниот свет кој е полн со изненадувања за него.
Ова се само дел од препораките на искусна мајка која поминала низ процесот на одбивање храна, а успешно е надминат со примена на мал милион тактики кои доаѓаат како инспирација во чекор. Секој родител го знае најдобро своето дете и знае точно со што може да му го одвлече вниманието додека помине периодот на комплетна адаптација на храна. Но, не заборавајте дека со сила ништо добро не излегува. Така што, ако детето е смирено, задоволно и среќено во хармонична средина, тогаш е многу полесно да му пристапите и да најдете заеднички компромис со него.