Во Србија уште 34 лица се заразени со коронавирусот, велат најновите податоци од Министерството за здравство. Со тоа вкупниот број на инфицирани со КОВИД-19 во Србија изнесува 222 лица.
Од последниот извештај до 18 часот на 22 март 2020 година, тестирани се примероци од 61 лице, од кои 34 биле позитивни и 27 негативни на коронавирус.
Во петокот, 20 март, беше регистриран првиот смртен случај на КОВИД-19 во Србија. Станува збор за 59-годишен маж од Кикинда, кој почина во Клиничкиот центар на Војводина. Вчера, 92-годишно женско лице почина на Инфективната клиника во Белград.
Српската влада донесе одлука за забрана за движење за сите граѓани од 17 до 5 часот наутро, со цел да се спречи ширењето на вирусот КОВИД-19. Исклучок е во недела, кога граѓаните над 65 години можат да ги напуштат своите домови од три до осум наутро за да купат намирници. Од 20 до 21 часот, на сопствениците на кучиња им е дозволено да ги шетаат своите миленици на 200 метри од адресата на живеење.
-Поради зголемениот притисок врз здравствениот систем, со цел на време да се подготвиме и да ја поддржиме борбата за зачувување на животот и здравјето на српските граѓани, ги повикуваме сите слободни здравствени работници, лекари, медицински сестри, медицински техничари и други здравствени работници кои се во странство, да достават информации за својата достапност, како и стручното звање и искуството, се наведува во соопштението на Владата во повикот до слободните медицински работници во странство да се стават на располагање на српскиот здравствен систем.
Големите трговски маркети најавија дека од утре го скратуваат работното време со цел да ги заштитат вработените и потрошувачите, во насока на почитување на новите владини мерки за забрана на движење.