63-годишен маж од Дебар е втората жртва од корона вирусот во Македонија.
Тој починал вчеравечер на Клиниката за инфективни болести, каде бил хоспитализиран од 17 март, но, како што информираат здравствените власти, кај него дошло до нагло влошување на состојбата.
Пациентот, кој, според кажувањата, не боледувал од други болести, бил примен на Клиниката без покачена телесна температура, но со болки во градите, па затоа дополнително примал кислород. По влошувањето на клиничката слика веднаш бил поставен и на респираторна машина, но исходот е сепак фатален.
Од Министерството за здравство информираат и дека во последното деноноќие се регистрирани нови 22 случаја на заболени со корона, со што вкупната бројка во земјава се искачи на 136 дијагностицирани пациенти. Од новите заболени, 15 се од Скопје, четворица од Дебар, двајца од Куманово и еден Охриѓанец.
Според местото на живеење, предничи Скопје, со вкупно 81 заболено лице, а како што дознава Канал5 сите овие заболени веќе постоеле во епидемиолошките кластери, односно се заразени од „увезениот“ вирус од странство, а локална трансмисија во главниот град се уште нема.На листата следува Дебар со 40 заболени од корона, каде веќе 10-ти ден е на сила кризната состојба и влез и излез од градот е забранет… Првите заболени од кои се шири заразата, вирусот го добиле во Италија, Австрија, Копаоник и Банско…
Иако засега сите пациенти се лекуваат симптоматски, од Министерството за здравство не ја исклучуваат можноста од примена на нова терапија, со употреба на лекот против маларија – хлорокинин во комбинација со Сумамед. Информациите говорат дека кинин, кој се покажа како ефикасен во борбата против САРС-от во 2002-рата, е обезбеден за околу 10 илјади пациенти, а Сумамедот, кој досега лесно можеше да се купи по апеките, по масовниот интерес од граѓаните минатите два дена, отсега ќе може да се набави само со т.н. бел рецепт на товар на Фондот за здрваство..
Инаку,на Инфективната клиника веќе се „зафатени“ 25 насто од капацитетите, од вкупно 110-те легла предвидени за заболени со корона, а доколку бројката се исполни, новите заболени ќе бидат хоспитализирани во „Осми септември“, каде се подготвени 400 кревети.
Веќе четврти ден министерот за здравство Венко Филипче известува за двоцифрен број на новозаразени, а претходно истакна дека овој тренд е очекуван и според прогнозите пикот на епидемијата ќе се достигне кон крајот на април, кога би биле регистрирани нешто над две илјади заболени од корона