Министерот за здравство, Венко Филипче, денес одржа прес конференција на која информираше дека оние кои починале од коронавирусот имале одредени хронични состојби на респираторните органи, срцето, а дел биле дијабетичари.
– Може да ја извадиме точната статистика. Тоа се хроничната опструктивна болест, хроничната кардиовласкуларна болест, хроничната слабост на срцето во смисла на кардиомиопатија и дијабетот. Стандардните хронични состојби коишто го слабеат кардиоциркулаторниот капацитет, пулмоналниот капацитет, белодробниот и било каква инфекција, белодробна или друга значи дека може да има поголем ризик од смртност, нагласи Филипче.
Министерот Филипче, на новинарско прашање дали се очекува да има нови жаришта со Ковид-19, наведе дека последната голема изолирана бројка била во Општина Чаир.
– Последната голема изолирана бројка беше од скопската Општина Чаир, дваесетина лица, во врска со семеен настан, меѓутоа тука се веќе сите лица коишто покажаа симптоми. Друго место во коешто имаме еден таков одреден ризик е Тетово и околината на градот. И тоа е нешто што го имавме во предвид, го дискутиравме утрово на состанокот и во текот на утрешниот ден ќе оди на дополнителен увид и помош од страна на колегите и специјалисти од областа на инфективната медицина. Нема нешто кое што е непредвидлив ризик, сега засега, имајќи предвид дека и во Тетово огромен број од новодијагностицираните беа од познати заболени. Значи се е во рамките на тие кластери, блискиот респираторен контакт од внатре во еден кластер или меѓу веќе познати кластери, образложи министерот.