Секоја година во светот од 25-ти до 31-ви мај се одбележува важноста на функционирањето на тироидната жлезда, односно како нејзините нарушувања влијаат на квалитетот на животот на луѓето на глобално ниво. Оттука и Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ не потсетува колку е важно подигањето на свеста кај луѓето за тироидните заболувања бидејќи секојдневно стотици милиони се соочуваат со некакви пореметувања на функцијата на истата.
– Меѓународната недела за подигнување на свеста за тироидните заболувања (ITAW) се одбележува веќе 12 години за да го потенцира неповолното влијание на нарушувањето на тироидната жлезда врз квалитетот на животот кај луѓето кај кои тоа не е дијагностицирано. Се смета дека околу 1,6 милијарда луѓе во светот се изложени на ризик, а стотици милиони во овој момент живеат со одредени состојби на тироидната жлезда.
– До 60% од оние што живеат со нарушување на тироидната жлезда се недијагностицирани, а луѓето можеби секојдневно се борат со симптоми, без да ја знаат основната причина за нивната појава. Сепак, откако ќе се дијагностицираат, нарушувањата на тироидната жлезда се лекуваат и кампањата за подигнување на свесноста се залага да се подобри тестирањето и глобално да се дијагностицираат овие нарушувања, посочуваат на нивната фејсбук страна.
Штитната жлезда или тироидеа е ендокрина жлезда која е сместена непосредно под гркланот, од двете страни на душникот. Во штитната жлезда се синтетизираат два основни хормони: тироксин и тријодтиронин за кои се потребни големи количества на јод. Нарушените нивоа на тироидните хормони можат да бидат штетни за нашето здравје и благосостојба.
Во Македонија, за изминатата 2019 година вкупниот број на регистрирани пациенти со нарушена функција на тироидната жлезда надминува 20 000, посочува Др. Горан Димитров. Неодамнешното меѓународно истражување покажа недостиг на знаење во однос на влијанието на состојбата на тироидната жлезда врз плодноста, бидејќи само четвртина (24%) од испитаниците биле свесни дека недијагностицираните нарушувања на тироидната жлезда може да предизвикаат проблеми со плодноста, вели тој. Токму затоа потребата од свесност за истата е огромна и како што вели Др. Димитров, распространете ги вестите за оваа важна тема и дозволете да направиме разлика во животот на луѓето што страдаат од нарушувања на тироидната жлезда.
Др. Синиша Стојаноски, пак, посочува дека многу често нарушената функција на тироидната жлезда може да остане недијагностицирана или ненавремено дијагностицирана. Оптималното ниво на тироидните хормони е неопходно како за самиот процес на забременување така и за успешен тек на бременоста, вели тој. Навременото откривање на овие нарушувања ќе резултира со соодветен и навремен тераписки пристап и ќе овозможи нормален раст и развој по раѓањето. Според него оптимален пристап би вклучил најпрво соодветно информирање за потенцијалните опасности, одржување на оптимално ниво на тироидни хормони пред забременувањето, редовна контрола на тироидниот статус во секој триместар од гравидитетот, како и во првата година по породувањето и секако, темелен скрининг на новороденчињата за детектирање на потенцијален конгенитален хипотироидизам.