Лекови на рецепт во аптеките повторно нема уште во првата половина на месецот. Новата распределба на квотите од страна на ФЗОМ, очигледно не го реши проблемот. Граѓаните револтирани. Пензионерите велат дека на старост се принудени да шетаат од аптека до аптека.

„Страшно е, после 5-ти во месецот не можам да најдам лекови. Или умри или снајди се, не е хумано, приватно купуваме“, рече пензионер од Скопје.

Друг граѓанин вели дека има лекови, но одвај чека да дојде 1.ви во месецот за да си набави лекови кои ги користи како хронична терапија.

„Имам лекови затоа што ги набавувам на почеток на месецот, најдоцна до 4.ти. Но, ова не е во ред, што да прават тие што ќе се разболат после тоа, во средина или при крај на месецот“, рече граѓанин кој боледува од срце и висок крвен притисок.

Во февруари, ФЗОМ ги зголеми квотите во сите аптеки поради состојбата со грипот. И покрај тоа граѓаните, а и аптекарите велат дека лекови на рецепт нема доволно.

Што правиме со тие што ќе се разболат во текот на месецот или при крај на тековниот месец, како ќе обезбедат лекарства и терапија за да се излечат? – се прашањата кои најчесто ги поставуваат граѓаните

Во аптеките и фармацевските компании ситуацијата е иста како тоа што го посочуваат граѓаните, ја потврдуваат состојбата и гледано од нивна страна се исто на одредено ниво разочарани.

„Немаме лекови со квота, завршуваат најдоцна до 10.ти во месецот. Не помогна ни тоа што ни пуштија дополнителни средства од ФЗОМ, ситуацијата е иста како и претходно“

„ Ние ги враќаме пациентите кои доаѓаат да земаат лекови на рецепт. Нема лекови уште во првите денови од месецот. Не знам, како понатаму ќе функционираме. Луѓето реагираат остро кај нас, како да ние сме виновни што нема лекови на рецепт“ , велат вработените во аптеките.

Со прераспределбата на лекови и мерките од страна на ФЗОМ очигледно е дека нема никакво подобрување, кои се следните чекори кои ќе ги превземе власта за да го подобри здравството и обезбеди достапност на лековите на рецепта и повеќе од само 5 дена во месецот. – прашува јавноста