Новата реалност во Македонија е обвиена со црни статистики. Вчерашните 52 нови случаи и 4 починати лица ги доведоа во сомнеж препораките на Комисијата за заразни болести и одлуките на Владата на Министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Оливер Спасовски.
Со реакција до Комисијата за заразни болести се произнесе и доктор Никола Пановски кој потенцира дека состојбата со коронавирусот може да излезе од контрола, а одговорноста ќе биде на комисијата која ќе го дозволи тоа.
-Мислам дека не требаше воопшто да се олабават мерките. Особено во општините каде што има толкав број на активни заболени. Воопшто да не се преземаат мерки, а ситуацијата да биде иста нема логично објаснување. Трагично е да се носат одлуки на таков начин. Оставаат на совеста на граѓаните, во услови кога гледаат дека совеста на дел од граѓаните е несериозна. Еве јас имам контакт со полиција во Сарај и тие кажуваат дека немало луѓе по улиците, истото тоа го забранија и на Водно и сега кога имаме дупло повеќе случаи ги пуштија автобусите и ги отворија кафичите. Значи се работи за истата комисија, која одлучува различно во краток временски период. Логиката кажува дека новозаболените во државата се 52 тоа е исто како нови 3500 во Италија или 8000 во САД. Значи ние сме повеќе и од Италија и од Америка, дециден е Пановски.
Со критики до Комисијата се надоврза и доктор Владимир Лазаревиќ.
Според Лазаревиќ ситуацијата во моментов не е под контрола и смета дека Комисијата за заразни болести не смеела да избрзува со заклучоци околу олабавувањето на мерките бидејќи сме сведоци на нови 52 заболени од Ковид-19 во рок од 24 часа. Тој додаде дека доколку во најбрз рок граѓаните не се вразумат, тогаш ќе се вратиме на почетокот на пандемијата што ќе значи враќање на ситуацијата на почетокот.
– Комисијата за заразни болести не смееше да потпадне под ничиво влијание бидејќи и најмала грешка може да биде кобна. Свесни сме дека голем дел од институциите се исполитизирани и донесуваат одлуки по нарачки, но во моментов се соочуваме со пандемија која гледаме дека нема да заврши во брзо време во Република Македонија. Мораме сите да имаме свест и јавна одговорност, вели Лазаревиќ.
Одговорност од Комисијата за заразни болести побараа и од ВМРО-ДПМНЕ. Партијата вели дека се покренува сериозен сомнеж во работата на Комисијата и во нивните проценки за мерките кои треба да се преземат.
– Нив приоритет не им беа лекарите и здравјето и животите на граѓаните, туку приоритет им беше политиката и тоа како да го ублажат поразот и да ја спасуваат кариерата на Зоран Заев. Затоа правеа се само и само да се одржат избори по цена на здравјето и животите на граѓаните – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека ситуацијата е излезена од контрола, а новата нормалност на СДСМ се руши како кула од карти.
– Во ден кога во Македонија е забележан црн биланс со 52 нови заразени граѓани, СДСМ излегуваат со нови манипулации за платите на лекарите и здравствените работници и ги обвинува граѓаните за ширењето на заразата. Далеку се лекарите од ветените 100 илјади денари плата. Реалноста е дека заради СДСМ и политичките амбиции на Заев имаме фијаско во борбата со коронавирусот, а секој загубен живот оди на совеста на Заев. Во едни вакви услови Зоран Заев турка избори што значи директно туркање кон изборна кланица – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираше и лидерот на партијата, Христијан Мицкоски кој побара одговорност од власта порачувајќи дека мерките ги укина политичарот Караџовски по препорака на Спасовски и Заев. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера реагираше по нападите од страна на СДСМ, откако се зголеми бројот на заразени и починати од опасниот коронавирус и побара одговорност од власта. Тој потсетува дека мерките ги укина Комисијата за заразни болести, а одлуката е донесена од владата на Заев и Спасовски.
– Навистина жалам што трагедијата и фијаското што се случува со ширењето на заразата Зоран Заев ја сведува на обична дневнополитичка пресметка, во ситуација кога дневно се заболуваат над 50 луѓе, а бројката на починати расте. Мерките против корона кризата се укинаа по препорака на Комисијата за заразни болести водена од политичарот Караџовски, а одлуката е донесена од владата на Заев и Спасовски. Мнозинството во таа влада е на Зоран Заев и СДСМ. Тие сакаат да претстават дека јас и ВМРО-ДПМНЕ сме власт само за да се амнестираат од сопствената одговорност за погрешните одлуки и проценки, пишува Мицкоски.
Тој одговори и на нападите против министерот Наќе Чулев:
– Што се однесува до Наќе Чулев, господине Заев, бидете свесен дека со нападот кон него напаѓате над 10 илјади припадници на МВР кои овие месеци го ризикуваа животот во обезбедувањето на редот и мирот. А Чулев е врвен професионалец кој работи согласно одлуки на Владата, спроведува закони и ги штити граѓаните. Вие треба да објасните зошто толку драматично го сменивте мислењето од 7 мај кога сакајќи да се додворите напишавте дека полицијата „покажа готовност, професионалност и пожртвуваност” . Не го потценувајте народот, ваквото менување на реторика на 5 минути до 12 часот, претставува ново салто мортале на СДСМ. Добро знаеме што зборувавте вчера и колку само предупредував да не дојде до ова што го имаме денес.
Здравјето е загрозено затоа што глумевте нормализација и се боревте за потесен пораз. Сега треба да превземете одговорност и за последиците. Да ги вадиме ли пресовите кога велевте дека е под контрола работава? Слоганот ви е „нова нормалност”, а таа денес е 52 новозаболени и 5 починати.“, пишува Мицкоски.