Вакцинирани се околу 110 илјади граѓани од кои 23 илјади се ревакцинирани, а сега се вакцинираат 170 илјади граѓани кои се пријавиле на vakcinacija.mk до 30 април, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче. Тој им порача на сите да се пријавуваат на страната вакцинација.мк бидејќи тоа е најпрактичниот механизам и налин да се стигне до соодветен термин за вакцина против Ковид-19.
Филипче со текот на вакцинацијата очекува до крајот на летото да се стекне колективен имунитет, единствено со евентуална нова мутација на вирусот може да се смени текот на создавање на колективниот имунитет, но не значајно. Во однос на процентот на колективниот имунитет, рече дека најмногу зависи од инфективната болест, но смета дека 60 или 70 проценти за Ковид-19, е сосема доволен процент да се стекне колективен имунитет.
– Претпоставките се дека може да смени, но не толку силно да се изремети целокупниот процес заради тоа што степенот на колективен имунитет сепак ќе ги штити граѓаните, дури и од некоја мутација која може да е ригорозно или полесно да се пренесува. Доколу нема мутација на вирусот и остане вака, колективниот имунитет сигурно ќе стекнеме до крајот на летото имајќи ги предвид сите овие процеси. Доколку има некоја мутација може тоа нешто да измести од проценките, но не значајно, рече Филипче.
Динамиката на процесот на вакцинација продолжува и понатаму, односно со вакцинирање на околу 10 илјади граѓани на ден во сите пунктови во државата.
Оваа недела се очекува да пристигнат околу 10 илјади вакцини на „Фајзер“, по тек на договорот и систем за солидарност на Европската Унија. Според најавите се очекува и донацијата од кинеската армија да пристигне на 15 мај, за време на викендот, и согласно сите тие најави ќе се подготви распоредот за делење на вакцини ширум пунктовите.