Од денеска во Хрватска се продолжува времетраењето на сертификатите за вакцинација против Ковид-19 на 365 дена. Новото времетраење на сертификатите важи за сите нови сертификати, како и за претходно издадените. Граѓаните што веќе ги добиле своите сертификати нема да мора да бараат повторно издавање бидејќи времетраењето на нивните постојни автоматски ќе се продолжи.

Граѓаните може да го проверат времетраењето на своите сертификати со зачувување на сертификатот во дигиталниот паричник на мобилната апликација „Ковид го“, а во случај на патување во други земји, секако е неопходно да се проверат локалните правила што се во сила.

Во согласност со прифатената ревизија на документот од Мрежата за е-здравје на Европската комисија од 29 септември 2021 година е овозможено издавање дигитални сертификати за Ковид-19 и за вакцини што немаат централно одобрување во ЕУ.

Со новото времетраење сѐ уште се во сила претходно издадените правила за вакцини што се централно одобрени во ЕУ.

Така, сертификатот за вакцинација може да им се даде на луѓе што биле вакцинирани со двете дози од една вакцина, луѓе што биле вакцинирани со две дози од различни вакцини – на пример, едно лице ја примило првата доза на „Астра зенека“, а втората на „Фајзер“ – и лица што биле вакцинирани со вакцина што се прима во една доза.

Потврда може да побараат и лица што се вакцинирани со една доза вакцина што се прима во две дози, а кои имаат позитивен ПЦР-тест 180 дена од денот на приемот на вакцината. Тие може да побараат потврда од денот на вакцинацијата и таа ќе им важи 365 дена.