На територијата на целата држава меѓу малолетната популација до 18 години има 1068 активни случаи со Ковид-19. Во Институтот за белодробни заболувања во Козле се лекуваат 23 деца, само две се на кислородна поддршка и ниту едно не е во критична состојба, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека во овој Институт е хоспитализирано и двомесечно бебе.
– Во однос на бројот на прегледи нема некое значајно отстапување. Има сосема лесно зголемување на бројот на деца кои се јавуваат на преглед, нагласи Филипче. Во врска со скринингот на учениците, Филипче посочи дека тој е завршен во најголемиот број од училиштата во државата.
– Тестирани се над 5000 ученици, а 15 биле позитивни на вирусот. Сега е исклучително битно во периодот кој следи сите овие протоколи кои се пропишани да важат во училиштата, да се почитуваат како што треба за да се заштити целокупниот образовен процес, додаде Филипче.