Тамара Петрушев ја продолжува борбата за отворање на втора смена во некоја од градинките во Карпош. По сторијата на Сител дека оваа мајка во попладневните часови не може да работи бидејќи нема кој да и го чува едноиполгодишното дете, добила подршка од многу родители. Ја контактирале телефонски и на социјалните мрежи и очекува до понеделник да собере 250 потписи за иницијативата.
-Имам подршка, многу жени ме контактираат и тие сакат петиција за и во нивните градови да има втора смена во градинка и работна сабота. Фактички ние жените во 21 век сме дискриминирани бидејќи не можеме да работиме втора смена оти треба да ги чуваме дечињата. Особено во приватните фирми никој не ве прашува и не може само прва смена да одите, вели Тамара Петрушев мајка на едноипол годишно дете.
Барањето со потписите Тамара ќе го достави и до Министерството за труд и социјала и до општината Карпош каде пред 3 дена ја шокирале кога и кажале дека за втора смена во градинка ќе треба однапред да плати сместување за цела година.
-Знам сега дека ќе има втора смена и во Аеродром, и во контактите со родители никој не слушнал дека се плаќа церла година, вели Тамара.
И додека општината каде живее Тамара одговорноста ја префрла на Министерството за труд и социјала, министерката Царовска порача дека тоа е нивна одговорност и е владина одлука која треба да ја почитуваат.
-Општинските власти треба да го овозможат тоа и јас сум убедена дека градоначалникот на Карпош ќе го реализира тоа, вели Мила Царовска, министер за труд и социјала.
Според податоците од труд и социјала, во моментов двосменско работење има во пет градинки во општините Центар, Чаир, Крива Паланка, Тетово и Куманово каде се згрижуваат 190 деца.