Грчките медиуми објавија дека од денеска стапуваат на сила нови мерки кои ќе важат не само за грците туку и за туристите кои ја посетуваат земјата. Мерките се забрана за влез во затворени простори за лицата над 60 години кои не примиле трета доза, а поминале седум месеци од вакцинацијата и намалување на три од шест месеци на важноста на потврдата за прележан Ковид-19.
Граѓаните кои се над 60-годишна возраст и иако се вакцинирани, но поминале седум месеци и не примиле трета доза, од денеска се сметаат за невакцинирани и нема да имаат пристап во местата каде што е задолжителен сертификат, односно според портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому „нема да ги имаат привилегиите што ги имаат вакцинираните“ и за нив ќе важат истите рестрикции како и за невакцинираните.
Од друга страна, потврдата за прележан Ковид-19 ќе се издава само по направен ПЦР тест и не постои опцијата со позитивен рапид тест, а времетраењето се скратува од шест на три месеци. Потврдата важи 30 дена по позитивниот резултат до 90 дена потоа. Согласно министерската одлука со новите мерки, „остануваат во сила потврдите издадени од 13 јуни 2021 година до 31 октомври 2021 година, а потврдите по 1 ноември важат 90 дена.