Сојот омикрон забрзано се шири низ државите во светот, па и на Балканот. Во Косово до неодамна беа потврдени вкупно девет случаи. Претставници на Институтот од Косово прецизираа дека два случаи се регистрирани кај лица кои дошле во Косово од САД, два кај лица од Лондон и еден од Франција. Четири случаи се потврдени кај лица од Јужна Митровица и се работи за лица рекле дека не патувале никаде ниту имале контакт со лица кои не се од Косово. Институтот, заедно со косовското Министерство за здравство, ги повика граѓаните строго да се придржуваат до анти-ковид мерките и да се вакцинираат.

Во Турција пак, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани 20.138 случаи на коронавирус и 173 починати лица. Во текот на вчерашниот ден од ресорното Министерство во Турција информираа дека повеќе од 128,66 милиони дози вакцина против КОВИД-19 се дадени во рамките на кампањата за масовна вакцинација која во Турција почна на 14 јануари. Повеќе од 56,8 милиони луѓе примиле прва доза вакцина, а 51,4 милиони граѓани целосно се имунизирани.

Во меѓувреме, од Европската Комисија информираа дека во ЕУ против КОВИД-19 се вакцинирани над 78 проценти од граѓаните.

– Пред точно една година, во Европа почна вакцинирањето против КОВИД-19. Изминавме долг пат. Повеќе од 78 отсто од возрасните во ЕУ веќе се вакцинирани, рече вчера претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во видео обраќање. Според неа, вакцинацијата, вклучително и засилувачката доза на вакцината, останува најдобриот начин за справување со пандемијата на коронавирусот.